понеделник, 16 мај 2011

Груевски ќе си оди

Груевски ќе си оди. Го проследив неговиот настап во Охрид на 16 мај 2011 и убеден сум во тоа. Ништо ново не кажа, веќе слушнати лаги.

ДПМНЕ ќе го потикнувала извозот со инвестиции во патната и железничката инфраструктура, а во изминативе 5-6 години од нивно владеење постојано се возев по лоши автопатишта, а за железничкиот сообраќај не ми ни паднало на ум да го користам бидејќи и самата помисла на него ми буди непријатни асоцијации на вагони ќенефи и сосмрдени кондуктери кои најмалку 50% од можната наплата за билети си ја ставаат во џеб, ми асоцира на возови спори како полжави и ќе пукнам од мака кога слушам за возови кои се движат со брзини од 400-500 km/h некаде на друго место во светот.

ДПМНЕ ќе ивестирале во образованието за да се подобри квалитетот и знаењето на работната сила. Моите деца не видоа никакво фајде од проектот „Компјутер за секое дете“ во кој јас и мојата сопруга имаме учество во финансисрањето како и секој друг даночен обврзник. Не видовме ниту еден посериозен системски зафат. А пак видовме насилство, тепачки и убиства во школските дворови.

Толку многу ги исфорсираа ИТ услугите во јавниот сектор, што еден Документ менаџмент систем го платија баснословно многу а сеуште не можат да го воведат во употреба во ниту едно министерство. За вадење на една патна исправа се закажуваше по една година унапред за да кога ќе дојде судниот ден повторно да се кичмиме и нервираме по ќумезите на МВР во МТВ.

Толку многу го подржаа земјоделството и „истурија“ милиони евра субвенции за земјоделците така што Сведмилк им претставува светол пример како и незадоволните тутунари, лозари, ....

А за слободните индустриски зони и да не зборуваме. Бунарџик 1, 2, 3 ..., па Жабени, па Тетово 1 и 2, ... ехе хе, „никнуваа“ фабрики како печурки по дожд. Како резултат на новоотворените фабрики ја „намалија“ и невработеноста, само вработуваа наместо во фабрики во јавната администрација. Се прашувате како може фабриките да работат без вработени? Е па веројатно им се целосно автоматизирани па нема потреба од вработени. Арно ама ако е така тогаш што произведуваат во тие фабрики? Јас не гледам некој производ!

Инфлацијата е ептен ниска. Пред 5 години можев со илјада денари да го наполнам мојот резервоар со гориво и да свртам 800 километри низ Македонија. Сега со илјада денари изгледам смешен кога ќе се појавам на бензинска, затоа што со тие пари можам да свртам едно крукче низ Скопје, евентуално да се качам на Средно Водно или да отидам на излет до Матка. Ниска е инфлацијата, затоа што со 500 денари во џеб при влез во некоја самопослуга секогаш излегувам со празна корпа од самопослугата, а пред пет години ја полнев корпата а на излегување добивав и кусур. Нема инфлација, затоа што пред пет години можев да си дозволам да си ја подновам мојата гардероба, да купам чевли на есен, чизми на зима, летни чевли на пролет, за мене и моето семејство а сега си ги носам истите чевли неколку години за да им обезбедам на моите деца нови чевли на време затоа што тоа им е неопходно потребно, бидејќи децата брзо ги одрастуваат скоро купените обувки а се разбира истото важи и за облеката. Вели ДПМНЕ дека немало инфлација. Па јас не се разбирам баш во економија ама ова не ми личи дека е ни приближно до „нема инфлација“.

Ние да сме ти биле земја лидер во воведувањето на ИТ. ИТ-то да ти ги поефтинувало услугите читам на интернет, ама кога одам во било која банка e-banking системот секогаш чини повеќе од класичното дремење на шалтер за да се извршат саканите трансакции. И сега се чудиме зошто има сеуште многу гужва по шалтерите.

Уште една глупост која ми падна во очи изминатиов период. Кога град ги толчеше земјоделците и овие пекаа да се активира системот за противградобијна заштита од владата на ДПМНЕ им порачуваа дека најдобра заштита од град им било осигурувањето. Кога Вардар ги поплавуваше крајречните населби, владата на ДПМНЕ ги убедуваше граѓаните дека регулирањето на речните корита не било ефикасна заштита од поплавите ами требало да си се осигураат за да претрпат минимална штета. Кога компјутерите во училиштата масовно се оштетуваа и крадеа од ДПМНЕ убедуваа дека подобра заштита да ти било осигурување на опремата наместо грижа за нејзино чување. Се некои извртени критериуми.

Македонија земја на апсурди, па и македонската берза на хартии од вредност со свои апсурди. Највисоко котираат акциите на фирми кои ништо не работат и според финасиските показатели не остваруваат некоја значителна добивка, а фирми кои што остваруваат добивки воопшто не котираат на берзата.

ДПМНЕ дозволи увоз на автомобили кршеви, со што допринесе да се зголеми загадувањето, испумпа готов кеш од македонската економија надвор од државата, ама затоа сега се возат ретро модели на нашите ретро патишта од времето на Јосип Броз Тито.

Сега за едно евро од квадрат ќе се легализирале и дивоградбите. Па оние што на времето плаќале стотици евра биле будалести кога тоа го правеле, а овие дививе да ми ти биле умници.

Микро фирмите сега ќе ми ти плаќале 0% данок на добивка, како тоа убаво звучи. Прво ги уништија овие фирмички кои прехрануваа цели семејства сега велат ајде пркнете малку па пак да ви ја отфикариме главата. На туристичките работници сега ќе им наплаќаат „само“ 5% данок на добивка.

Шарени лаги. Се прашувам, абе кој им верува на овие лажговци? Ајде да се запрашаме ако тие се толку великодушни, па се откажуваат од даноци, делат „грантови“, од каде им се парите? Ем да ни дадат нам, ем да остане за нив? Има ли Македонија огромни резерви со кои може да ги покрие овие дарови? Е ајде де, да одговориме. Има само две можности: или директно не крадат и не прават слепци или крадат од нашите поколенија, задолжувајќи не со кредити. Бирајте што сакате да биде точно. Ни едното ни другото не ни оди во прилог.

Ќе ги намалеле царинските стапки за шеќер. Абе, а каде е домашното производство на шеќер?! Нема, сега никој не сади култури од кои може да се произведе шеќер, никој не преработува, само увезуваме.

А знаете ли што значи намалувањето на стапките на социјални придонеси? Демек помалку ќе плаќаме повеќе ќе ни останува за трошење. Во социјални придонеси спаѓаат: пензиско и инвалидско осигурување, здравствено осигурување, осигурување во случај на невработеност. Е па ако ги намалат овие стапки, тогаш навистина ќе ни останат повеќе пари во џеб од нашите плати ама само привидно. Бидејќи со нивно намалување ќе се намалат и буџетите за исплата на пензии, ќе има помалку пари во здравството, ќе има помалку пари за оние кои се невработени. Тоа значи дека кога ќе си отидеме во пензија ќе си земаме помалку пензија и на стари години мака ќе си мачиме со малата пензиичка. Кога ќе се разболиме бидејќи во здравството ќе има помалку пари, здравствените работници ќе бидат помалку мотивирани да ни ја пружат посакуваната и нужно потребна услуга, одржувањето на целиот здравствен систем ќе биде доведено во прашање а со самото тоа и нашето здравје ќе биде доведено во прашање. Ако недај боже си ја загубиме работата тогаш во старт треба да ја избришеме нашата надеж дека ќе бидеме социјално згрижени до нашето следно вработување бидејќи и овде придонесите ќе се кастрат.

Ама затоа ДПМНЕ вели дека ќе води одговорна и буџетска политика, демек дисциплинирана буџетска политика. На тој начин веројатно што ќе ја зголеми бројката на вработени административци на сите можни нивоа, а како капак на се ќе им ги зголеми платите и тоа 5% на 1.12.2012, 5% на 1.12.2013 и дури 10% на 1.12.2014 (прогресивно, како ќе се ближат следните изборите стапката се зголемува) а сега во Манифестот не ни соопштуваат за колку ќе се зголеми платата на 1.12.2015 но веројатно тогаш пред некои избори, редовни или вонредни, ќе не изненадат со рекордни 15%. Се разбира откако во меѓувреме за тогашните 1.000 денари ќе можеме да купиме добра како сега со 100 денари. Демек одиш во кафиќ со илјадарка во џеб и можеш да се напиеш една кока кола, ако сакаш да си фраер и да частиш женско друштво со кое си излезен за дружба ќе треба да извадиш уште една црвена.

Значи лажговците од ДПМНЕ не убедуваат дека измислиле неко економско чудо. Ем ќе ги намалиле давачките кон државата, ќе ги намалеле царините, придонесите за здравство, пензиско и што уште ми ти не, а од друга страна ќе ги зголемеле платите во јавниот сектор, ќе ги зголемеле пензиите на пензионерите, ќе ги зголемеле субвенциите за земјоделците, на бездомниците ќе делеле бесплатни станови а оние малку поимотните ќе добивале кредити на 100 години без камата и 0 учество, тие со редовна плата ќе можеле да си изградат куќи од по 500 квадрати со сопствено соларно греење, ќе почнеле да градат автопатишта низ селата, ски патеки по Водно и другите ридчиња, Вардар ќе го направеле пловен а Велес, Скопје и Гевгелија ќе станеле пристанишни градови, прекуокеански бродови ќе разнесуваат роба од Скопје за Кина и обратно.

Не познавам никого кој во изминативе 5 години помирисал нешто од ова, иако и овој период 30% од ова во Манифестот ни беше ветувано.

Се прашувам зошто не вметнале ништо во својот Манифест за вселенската програма на Македонија. Да пратиме свој екипаж барем на Месечината ако не можеме да држиме чекор со американците и рамо уз рамо да пратиме мисија на Марс за да го терафицираме.

Богами стигнав до стр. 31 од Манифестот и ќе оставам за некој нареден пат да видам кои се други изненадувања ме очекуваат до 275. страница.


copyright (c) 2008
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0 Unported
Смеете да ги користите содржините и да правите дела произлезени од нив, под услов соодветно да го наведете изворот и да ги дистрибуирате под лиценца компатибилна со оваа.