сабота, 30 јули 2011

Груевски не си отиде

Груевски остана, не си отиде и покрај тоа што некои факти покажуваа дека треба да си оди. Но народот реши дека не треба да си оди.

На терен ситуацијата не е променета, и понатаму патната и железничката инфраструктура е во катастрофална ситуација, а најверојатно такваа ќе остане и во блиска иднина. Читам деновиве во весниците дека возовите не се движеле или се движеле со максимална брзина од 50 km/h затоа што надворешните температури биле многу високи, па локомотивите се прегревале а шините на пругите се кривеле. Испаѓа дека подобро ќе беше воопшто да немаме железничка инфраструктура за да не ги слушаме овие жалосни објаснувања.

Системот на владеење на Груевски со државните министерства е разобличен. Донеси министер во некое министерство, тој со себе ќе си донесе десетина луѓе од доверба, кои го сочинуваат таканаречениот кабинет на министерот, а потоа целата раководна структура во едно министерство ќе се промени со партиски војници од партиите во коалицијата. Бидејќи капацитетот на овие банди за водење на сложени проекти е многу мал, нивниот бизнис се состои во репресија/мобинг врз вработените, туркање на проектите кои се веќе во тек и некаде пред крајот на својот мандат јавни набавки за таканаречени проекти кои се толку мали што и буџетот за нив често се сведува под 5.000 EUR (мали набавки) или ако се малку полакоми може да оди и до 20.000 - 30.000 евра.

Главните проекти за перење на пари со кои се иритира опозицијата и јавноста која размислува со своја глава не се осмислени во самите министерства и поголемиот дел од нив не се тераат под контрола на министерствата. Тие проекти се проекти кои ги туркаат бизнис групи кои ја контролираат ДПМНЕ. Јасно главните профити ги остваруваат овие бизнис групи а јадните министри и друга поситна боранија само се легално покритие за нивните дејанија.

Овие бизнис групи во скут го имаат и Собранието, бидејќи го имаат претворено, преку владата, во гласачка машинерија со помош на која преку ноќ се кројат и прекројуваат законите кои им овозможуваат богатење. За илустрација да ги земеме за пример законите за легализација на дивоградбите, за откуп на дворно место и сл.

Во ресорот на образованието се презема бизнисот на печатарите, издавачите и дистрибутерите од постоечките кон оние подобни до власта а под изговор дека се прават реформи. Се туркаат ситни проекти околу таканаречениот проект „Компјутер за секое дете“ кој полека оди во заборав иако е една од најголемите проневерени инвестиции на претходните владини состави. Тука и таму ќе се заменат прозорците на училиштата, ќе се нареди некоја плочка во клозетите. Но тоа се логистички проблеми кои ништо не менуваат во системот на образование на најосновно ниво (основно и средно образование). А за повисоките нивоа на образование стручната јавност веќе се изјасни дека состојбата е катастрофална, но затоа се формира универзитет во Штип кој служи за прибежиште и легло на сивата еминенција на ДПМНЕ.

Новата влада, само избрана во парламентот веќе наредниот ден донесува предлог за намалување на цената на зелениот картон но измените ќе важат дури од септември кога населението веќе ќе заборави на летните одмори и дека летувало со поскап зелен картон. Слично и со намалувањето на туристичките такси и ДДВ во угостителството, овие намалувања ќе важат дури откако ќе заврши туристичката сезона, т.е. од догодина. А тоа што се зголемува цената на парното греење во сред лето? А тоа што претстои зголемување на цената на струјата? Овие сметки доаѓаат секој месец во нашето поштенско сандаче, затоа и се зголемија.

Оваа влада во своите редови зеде уште едно дете кое работело на менаџерски позиции во Америка, демек сега тука ќе привлекувало странски инвестиции заедно со Самак. Човекот веројатно дури си го сменил и своето лично име во „БИЛ“, па што да очекуваме за неговиот став околу промена на нашето уставно име. Настрана тоа што сметам дека искуствата од Америка не треба да ги земаме како позитивни искуства кои можат да се имплементираат кај нас. Америка веќе е во голема криза. Не е солвентна, или со други зборови е во ситуација каква што е Грција, со таа разлика што проблемот на Грција е ништо во споредба со оној на Америка, на Грција и помогна Европа а на Америка нема кој, освен американците својот проблем да го дистрибуираат низ светот, што и ќе се случи. Значи сите менаџери кои во последните години стекнувале искуства во Америка, меѓу кои и нашиот „Бил“ всушност стекнувал погрешни вештини кои го одвеле американското општество во оваа криза во која се наоѓа. Конечно и HP не е во некоја завидна економска положба. Но ете кај нас пали девизата дека ако некој во Америка бил некаков менаџер овде може да биде министер.

Во секој случај да му пожеламе успех во работата на „Бил“, бидејќи неговиот резултат од работата го чекаат зелените ливади во Бунарџик 1, 2, 3 ..., Жабени, Тетово 1 и 2.

Катастарот ептен гледам се реформирал. Се жалат луѓето дека имотот кој го имале после последното систематско запишување целосно или делумно не им бил запишан. Демек катастарот излегол на терен, снимал, пустел, правел и направил тоа што направил, не го запишал имотот, иако луѓето си имале валидна документација од државата дека тој имот е нивни. Па сега кој сака да исправа криви Дрини и да го запишува имотот на свое име, има многу безболно решение. Да си најми приватен геодет кој ќе извршел наново мерење и после они без проблем ќе го впишеле имотот во катастарската евиденција. Поената се состои во тоа што најмувањето на приватен геодет чини многу скапо и многу оштетени граѓани немаат можност тоа да го платат. А видете кај најповеќе грешел катастарот. Грешел во подрачја каде населението е сиромашно, старо и неписмено. Пример во Поречието. А таму секој поседува повеќе парчиња имот неплодно земјиште кое долги години никој не го обработува. Еден просечен поречанец треба да плати 100 евра во старт за изнајмување на приватен геодет и 50 евра за секоја поединечна парцела. Ако има десетина незапишани парцели, а има, т.е. повеќето поречани имаат, тоа значи дека на приватниот геодет треба да му плати околу 500 - 600 евра за да му изготви елаборат. После со тој елаборат ќе оди во катастар и сигурно ќе плати уште стотина евра за запишување на неговиот имот во евиденцијата. Ама дали сите имаат толку пари? Дали тоа не значи намерно осиромашување на и така сиромашното население? Тоа е реформата на катастарот која на широко се труби по медиумите дека била многу успешно изведена.

Додека владата работи, паричникот на граѓаните е се потенок и потенок.

Се прашував порано, абе кој им верува на овие лажговци? И сега се прашувам истото? Но не можам да најдам одговор. Не можам да ја идентификувам таа група луѓе. Некој ќе рече, сите оние кои гласале за нив на последните избори. Јас се прашувам дали и тие веруваат во тоа, можеби тие се само изманипулирани неписмени граѓани на оваа сиромашна државичка.

Прочитав некаде дека Хрватска има свој сопствен сателит во орбитата на земјата, во минатиот пост се прашував зошто ДПМНЕ не вметнале ништо во својот Манифест за вселенската програма на Македонија. Не мора да праќаме свој екипаж на Месечината, барем и ние да имаме свој сателит во орбитата.

Во секој случај, ДПМНЕ победи. Сакале неќеле ќе ги трпиме следните 4 години. Може да ги критикуваме, може да не ги сакаме, но не смееме да ги игнорираме, бидејќи нивните активности ќе се скршат на нашата глава. Затоа мора да бидеме внимателни, мора да го знаеме наизуст нивниот манифест и проектите на манифестот во нашиот делокруг на работа, бидејќи многу е веројатно добар дел од тие проекти да почнат да го подјадуваат нашиот буџет. Бидејќи сакале - неќеле ќе налетаме на тие проекти, подобро е да бидеме подготвени и да знаеме за што се работи, така ќе ја намалиме евентуалната штета а можеби и ќе извлечеме некоја корист, слично како што оној министер за економија а сега за одбрана се понадева дека Македонија од светската финансиска криза не само што нема да трпи штети туку дека може и да профитира.


copyright (c) 2008
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0 Unported
Смеете да ги користите содржините и да правите дела произлезени од нив, под услов соодветно да го наведете изворот и да ги дистрибуирате под лиценца компатибилна со оваа.