сабота, 27 ноември 2010 г.

Груевски мора да си оди, Бранко не смее да се врати (2/3)

На почетокот од оваа година пишував на оваа тема1. Сега по настаните во А1 телевизија2, само се потврдува мојата тогашна констатација. Политичко економската ситуација во Македонија станува се поочајна и поочајна. Еве, добивме извештај3 од Европската Комисија. Позицијата на чело со Груевски вели дека е позитивен, опозицијата на чело со Бранко вели дека е негативен. Но без разлика како гледаме на Извештајот, ситуацијата е такваа каква што е, а таа е прилично лоша. Некако најдобро отсликување на состојбите во Македонија ми дава уредникот на весникот „Вест“ во своите редовни колумни насловени како „Сакам да кажам“.4, 5

Но да се вратиме на настаните во врска со А1 телевизија. Несмасната акција на државните институции (УЈП, Финансиската полиција, МВР), опозицијата се истрча да ги окарактеризира како задушување на демократијата, опсада на независен медиум. На лице место не излезе само уште Бранко за да се комплетира сликата. Јадни се нашиве политичари од опозицијата кога не можат да искористат една убава ситуација подарена на тацна од власта за да и ги раздрмаат сигурните позиции.

Можеби од сето тоа што го тврдеа збунетите опозиционери дека власта сака да ја задуши демократијата во Македонија има голема вистина но главната поента на акцијата по се изгледа не била тоа. Најверојатно се работи за криминал на газда Велија, според кажувањата на директорот на УЈП - Горан Трајковски, газда Велија длабоко загазил во криминал. Вистината како и сегоаш веројатно е некаде на средината.

И по сите овие игри кои ни ги приредија власта и опозицијата овие денови, целата нација се потресе за наводен криминал од 7-8 милиони евра. Криминал си е криминал нели. Но сепак во државава се прави многу поголем криминал, поединечно и збирно. Се ми се чини дека најголемиот криминал го прави државата преку своите мегаломански проекти: „Скопје 2014“, „Компјутер за секое дете“, „Интернет киосци“, „Бесплатни учебници“, „Жичарница на Водно“, Распределба на станови за млади брачни парови, Околчување на заедничките простори низ градот и нивна пренамена во паркинзи на кои солено се наплаќа паркирањето, а има и многу други.

Политиката на Груевски заедно со неговата владеачка гарнитура мора да си оди од политичката сцена во Македонија што е можно побрзо ако овој народ сака да има подобра иднина. Оваа политика го води македонското општество во пропаст.

Настојувањата на опозицијата да се врати на власт, само пополнувајќи го просторот што ќе се ослободи со заминувањето на Груевски од власт се толку проѕирни и мизерни што овој народ треба лесно да ги прочита и да не дозволи истото да се случи по никоја цена.

Секако овие двајца ќе се обидат да создадат ситуација за избор на помалото зло, демек змија да те апне или магаре да ти го бапне. Преголем луксуз би си направила генерацијата која порасна во транзициска Македонија ако дозволи уште еднаш да биде насамарена на овој начин. Тогаш тоа оваа генерација дефинитивно ќе биде генерација која порасна во транзициска Македонија, но и која ќе умре во транзициска Македонија.

Конечно таа генерација тоа не смее да си го дозволи за себе но и за генерацијата која што се роди во таа транзиција, односно нивните деца и внуци.

Груевски мора да си оди!
Бранко не смее да се врати!

Во Македонија мора да се појави нова политичка сила која ќе го управува општеството во подобра иднина. Таа политичка сила не е ДПМНЕ, не е СДСМ. Тоа треба да биде најголемата задача на оваа генерација, да создаде политичка опција која критички, чесно и принципиелно ќе го води општеството во подобра иднина за идните генерации.



[1] Груевски мора да си оди, Бранко не смее да се врати
[2] Twitter hash tag #opsada, во врска со настаните околу А1 телевизија
[3] Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година
[4] Премиер во сенка
[5] Барокно огледало

недела, 21 март 2010 г.

Ubuntu vs XP

Windows XP е еден од најраспространетите оперативни системи во светот, гладен е за хардверски ресурси, доаѓа во неколку различни верзии: XP Home, XP Professional, XP 64-bit Edition, XP Professional x64 Edition, XP Media Center Edition, XP Tablet PC Edition, XP Embedded, Fundamentals for Legacy PCs.

Од сите овие верзии најчесто инсталирани се XP Home, XP Professional и XP Media Center Edition, постојат и уште две други верзии кои се продаваат во некои делови од светот, XP Starter Edition кој се продава во Русија и некои делови од Јужна Америка и Азија, работи на послаби машини и има слични функционалности како XP Home, откако Microsoft беше обвинет за монопол од страна на ЕУ, во продажба е пуштена верзијата на XP која во себе не го вклучува Windows Media Player, позната како Windows XP Edition N.

Сличен на Windows но сепак многу различен, Ubuntu може да се најде како: Ubuntu, Edubuntu, Kubuntu, Xubuntu. Ubuntu не прави разлика помеѓу home и professional изданијата, така на пример верзијата која се користи во домашни услови за колекција на игри за деца или едукативни програмчиња е истата верзија која ја користат програмерите во големите компании, пример во Google.

Edubuntu е изданието наменето за употреба во училиштата во образовниот процес. Во себе содржи едукативни игри за деца во нижите степени на образование, но исто така содржи апликации за ученици од повисоките степени, вкучувајќи ги средните училишта и колеџите. Но самото јадро на оперативниот систем е исто како и кај Ubuntu.

Другите две изданија на Ubuntu доаѓаат со различни графички интерфејси и преинсталирани програмски пакети. Kubuntu е наменет за оние кои го преферираат KDE графичкиот интерфејс наместо основниот Ubuntu GNOME интерфејс. Xubuntu е за оние кои го преферираат xfce графичкиот интерфејс.

За разлика од Windows, Ubuntu нема потреба да биде драстично изменет или осакатен за да може да работи со tablet компјутерите. Тој во основа е доволно мал и брз за нив. Исто така, Linux веќе е вграден во PDA уредите и мобилните теллефони без некои поголеми измени.

Исто така за разлика од Windows, Ubuntu - и Linux поопшто - се мошне робустни, тие можат да работат на релативно стари компјутери а можат во исто време да работат и на сосема нови медиа системи.

За корисниците кои го користат компјутерот за општа намена, Windows XP нуди некои функционалности кои се уникатни. Веројатно најзначајни функционалности се добриот кориснички интерфејс и начинот на работа со CD уредите. За малку понапредните корисници на располагање се функционалностите во поглед на user switching, remote desktop capabilities, ACPI power management кој подржува хибернација и sleep mode. Се друго повеќе од овие основни функционалности бара купување на дополнителен софтвер.

Од друга страна Ubuntu доаѓа со мошне квалитетни апликации на самото инсталационо CD, комплетен пакет за канцелариско работење, графичкиот пакет има најмалку 80% од функционалностите на Adobe Photoshop, комплетен personal information manager кој работи слично како и Outlook, instant messaging, и Internet телефонија слична на Skype. Со користење на вградената алатка за инсталација на софтвер, можно е лесно да се инсталираат дополнителни функционалности кои може да се пронајдат на Internet. Ubuntu исто така подржува fast user switching како и nested user switching, ACPI power management исто така е на располагање.

Ubuntu нуди значително повеќе функционалности веднаш после инсталацијата отколку што нуди Windows. Но најзначајно е тоа што сето тоа Ubuntu го нуди бесплатно, додека за Windows XP Home Edition (со најмалку функционалности) крајниот корисник треба да плати $89.99 (USD), Media Center Edition се продава за $139.95 (USD).

петок, 12 март 2010 г.

Ubuntu, слатка слобода, бегство од Windows

Ubuntu 9.10 Karmik Koala

Од пред некој ден официјално се одлучив да преминам на Ubuntu и полека да се откажам од Windows. Иако многу работи во Ubuntu/Linux не се совршени, се чуствувам како да сум успеал да избегам од зандани, зандани кои околу мене ги изѕидал Windows. Оние кои се сложуваат со мене, сепак ги предупредувам да се подготват да направат некои отстапки и жртви во процесот на мигрирање од Windows на Linux.

Пред да се започне со мигрирање на ОС на само едно CD од 0.7 GB (за споредба земете ја Windows Vista), потребно е да се земат во предвид некои работи кои може да го исфрустрираат бегалецот од Windows. Се надевам дека нема многу да ми требаат некои Windows игри.

Што посифистициран корисник на Windows си, тоа потешко ќе мигрираш.

За повеќето обични смртници кои многу малку ги користат на вистински начин алатките на Microsoft, како например пакетот за канцелариско работење, и кои се користат со Outlook Express клиентот за е-пошта, миграцијата ќе биде речиси безболна. Едноставно го симнуваш Mozilla Thunderbird клиентот за е-пошта за Windows, правиш трансфер на е-пораките од Outlook Express во Mozilla Thunderbird а потоа на Linux од Mozilla Thunderbird во преинсталираниот Evolution groupware или пак во Mozilla Thunderbird за Linux. Копираш по некој word/excel документ од Windows на Linux и тоа е тоа, си го користиш потоа OpenOffice.

За малку пософистицираните корисници на пакетите за канцелариско работење на Microsoft, кои наместо Outlook Express користат Outlook, или пак студенти кои интензивно работат со Excel и PowerPoint, миграцијата е малку болна. Правиш трансфер на е-пораките од Outlook во Mozilla Thunderbird и потоа одиш на Linux. Ама имаш проблеми со податоците во Outlook календарот, вчитувањето во Thunderbird не оди така лесно, па ќе мораш да се шеташ од Windows на Linux некое време додека не си го средиш мануелно календарот во Thunderbird или Evolution на Linux. Нема некој поголем проблем со постоечките Word, Excel, PowerPoint или PDF документи. Без проблеми се читаат од Ubuntu и OpenOffice. Но, за некој кој има правено комплицирани динамички автоматизирани PowerPoint презентации или некој канцелариски работник кој има направено Excel апликација со макроа, сите овие функционалности се губат. Се разбира опција е да се направат одново овие апликации во Ubuntu, не да не може. А може под Ubuntu да се стартува Windows XP виртуелна машина за овие апликации и кога ќе ни затребаат да си ги имаме.

Сите овие проблеми драстично се зголемуваат ако сме корисници на Windows и софтверски апликации за специјална намена, во кои со години сме вложувале и на кои почива нашиот бизнис. Виртуелизацијата може да помогне до извесeн степен. Користиш VMWare или XenSource, ама само за XP, со Vista тоа сега за сега не е можно.

Е тоа се лошите работи. За среќа има и толку многу добри работи, и навистина е тешко од каде да почнеш.

Кога пред некоја година се обидов да преминам на Linux имав проблеми со инсталација на драјвери за речиси се и сешто, па имав проблеми со нагодување на мрежата, користење на USB, CD и сл. Ама сега можам да посведочам дека таквии проблеми нема, се разбира има по некој ама не е страшно, тоа го има повеќе на Windows. Уште при самиот старт на Ubuntu се живо на мојата машина беше препознато и си функционираше на око задоволително, а таму каде што мислев дека има проблем всушност се работеше за некои мои лоши навики пренесени од Windows, кои се разбира брзо ги заборавив. Да не зборувам дека мрежата беше фино лепо препозната, мојата безжична картичка исто така, доволно беше да си го внесам WEP клучот и бев на мрежа, го стартував Mozilla и отидов на Интернет. Па започнува автоматско обновување на Ubuntu, милина, многу подобро решено отколку на Windows.

И после инсталацијата на тони слободен софтвер, мојот систем работи брзо и доверливо. А кај Windows XP батки не е така. Во почеток кога Windows системот е гол, работи се ок, ама уште во старт кога ќе се оптовари со сите закрпи и гола машина тешко работи. Па кога ќе се оптовари дискот и процесорот со апликации едвам тера некако. Па уште над сето тоа морате да инсталирате безбедносна заштита, која дополнително го закочува, да, поточно во буквална смисла го закочува вашиот систем, плус за тоа дебело плаќате. На Ubuntu во исто време сите апликации со кои работам се вклучени и се си работи нормално. Дополнително си го симнав Skype и последните Flash приклучоци за да можам културно да гледам YouTube. Се си оди автоматски, безболно и се разбира бесплатно.

Покрај пакетите за канцелариско работење и Интернет, аудио и видеото исто така работи одлично, т.е. доволно добро за мене. Се разбира видео пуштачот не функционира најдобро за оние кои сакаат да прегледуваат видео снимки на популарните страници кои зрачат само во формат на Windows Media Player или Real Player. Секако и корисниците на iTunes нема да бидат баш најсреќни. Ама јас сакам само да прегледувам видео снимки или си пуштам DVD филмче, плус го прегледувам YouTube, кој навреме сватил дека има прилично голем број на Linux корисници кои сурфаат на интернет.

Ubuntu е user friendly исто колку и Windows а богами и повеќе од тоа. Секако може до бесконечност да го прилагодувам на своите лични барања, а постојат и мал милион варијанти/дистрибуции на Ubuntu однапред прилагодени за специфични корисници. А од времето на Dapper Drake, Gnome е значително подобрен и нема потреба да се потсетуваме на минатото.

Инсталацијата на Ubuntu е крајно едноставно и брзо, се разбира се додека не запнете на инсталација на некој периферен уред чии драјвери за жал ги нема во големата листа на периферни уреди со однапред предефинирани драјвери. Ама за волја на вистината таков проблем ако не и поголем ќе имате и при инсталација на Windows. А најзначајно е тоа што нема да имате потреба од купување на дополнителен софтвер - каде ја вклучувам и претплатата за некој скап софтвер за безбедност (антивирус и слични приказни). Секако дека и Ubuntu има безбедносен ризик - ниту еден оперативен систем не е имун на тоа - но далеку помалку болки ќе имате со користење на Ubuntu отколку на Windows.

И можам овде да редам уште многу ловорики за тоа како е брз Ubuntu и како речиси се е бесплатно, но за тоа нема потреба, секој кој ќе се одважи да избега од Windows нека го осети тоа на своја кожа.

среда, 10 февруари 2010 г.

Груевски мора да си оди, Бранко не смее да се врати (1/3)

Ситуацијата во Македонија деновиве ми изгледа очајна. Политиката на Груевски заедно со владеачката гарнитура која истата ја подржува мора да си оди од сцената. Полека но сигурно излегуваат на виделина сите валканици на оваа политика, станува јасно дека оваа политика го води македонското општество во пропаст. Од друга страна просторот кој би се ослободил со падот на политиката на Груевски не смее да го пополни политиката која ја практикува Бранко.

Што побрзо ова го свати мнозинството на граѓани во Македонија тоа подобро за нив.

После долго лелекање дека нема промени сега плачеме од самите промени. Дали сите промени мора да бидат болни? Дали после болните промени може да се роди нешто убаво? Дали промените кои ги прави Груевски се таквии промени?

Можно ли е во Македонија да се направат промени а да не бидат болни за мнозинството нејзини граѓани или мора постојано да се пати?

Естаблишментот кој стои зад политиката на Груевски воопшто нема за цел да направи промени за доброто на општеството. Промените кои се прават се промени кои одат во прилог само на тесен круг на луѓе околу ДПМНЕ и воопшто не се за доброто на општеството. Затоа Груевски мора да си оди!

Но не смее да се дозволи на негово место да се врати Бранко со неговата политика.

Во Македонија мора да се појави нова политичка сила која ќе го управува општеството во подобра иднина. Таа политичка сила не е ДПМНЕ, не е СДСМ. Имам чуство дека сеуште не се појавила такваа сила. Тоа е најголемиот проблем на ова општество, недостаток на општествена супстанца која критички, чесно и принципиелно ќе го води општеството.

петок, 1 јануари 2010 г.

2009

Свет

  • Инаугурација на Барак Обама за претседател на САД.
  • Почина поп иконата Мајкл Џексон.
  • Копенхашката Конференцијата на Обединетите Нации за климатски промени во светот.
  • Махмуд Ахмадинеџад е избран по втор пат за претседател на Иран.
  • Приврзаниците на поразениот кандидат Мир-Хосеин Моусави протестираат на улиците на Техеран.
  • Барак Обама добитник на Нобеловата награда за мир.


А, H1N1

  • Свинскиот грип започна да се шири некаде од Мексико.
  • На 12 јуни Светската здравствена организација инфлуенсата од типот А Х1Н1 попозната како "свински грип" ја прогласи за глобална пандемија.
  • Вирусот Х1Н1 се прошири во 74 земји.


ЕУ

  • Чешка претседава со ЕУ во првата половина од годината.
  • Исланд, банкрот на банкарскиот систем.
  • „Гаспром“ прекина со испорака на гас за Украина, со закана дека во целост ќе прекине со дотур на гас Европската унија.
  • Шведска претседава со ЕУ во втората половина од годината.
  • Ирска одржа референдум на кој граѓаните гласаа за приклучување кон ЕУ.
  • Одбележани 20 години од падот на Берлинскиот ѕид.
  • Македонија доби безвижен режим.


НАТО

  • Албанија и Хрватска нови членки на НАТО алијансата.
  • Андерс Фог Расмусен назначен за Генерален Секретар на НАТО.


Големи сообраќајни несреќи

  • 300 африкански мигранти се удавија при потонувањето на три брода пловејќи во близина на брегот на Либија
  • Авион на Еар Франс “ Ербас А-330„ на линија Париз - Рио де Жанеиро се урна во водите на Атланскиот Океан, при што загинаа сите 228 патници.
  • Во Охрид потона „Илинден“. Загинаа 15 бугарски туристи.


Природни катастрофи

  • Тајфунот „Моракот“ го погоди главното копно на Кина, речиси милион луѓе ги напуштија крајбрежните области.


Вооружување, тероризам

  • Северна Кореја изврши втора успешна нуклеарна проба, во провинцијата Северен Хамџуонг.
  • Експлозии на бомби во хотелите „ЏВ Мариот“ и „Риц-Карлтон“ во бизнис-центарот во Џакарта, Индонезија, загинаа девет лица, а десетици се повредени.
  • Експлозија на два автомобила-бомби во Багдад, загинаа најмалку 132 лица, а беа повредени 500.


Спорт

  • Интернационалниот Олимписки Комитет објави дека бразилскиот град Рио де Женеиро е следниот домаќин на Летните олимписки игри во 2016 година.


Економса криза

  • Исланд, банкрот на банкарскиот систем.
  • Дубаи, побара од светските банки одлагање на плаќањето на огромните долгови, сретства кои ги потроши на грандиозни и луксузни проекти за обнова на Дубаи.

Бисерчиња


  • Човекот по природа е политичко животно
  • Надежта е храна на бедните
  • Не може се да се докажува
  • Несреќата ни открива кои не ни се вистински пријатели
  • Славата им припаѓа на оние кои се доволни самите себеси
  • Слеп е тој што љуби поради љубов
  • Мудрите зборуваат затоа што има што да кажат, будалите затоа што мора нешто да кажат
  • Праведноста е врлина на големите луѓе
  • Само мртвите го имаат видено крајот на војната
  • Знаењето кое го имаме е само трошка од она што го немаме
  • Знам дека ништо незнам
  • Да се плашиш од смртта е полошо отколу да умреш
  • Мудроста не бара многу учење
  • Не е сиромашен тој кој што има малку туку тој кој сака повеќе
  • Тој кој направил добро дело нека молчи, тој на кој што му направиле добро нека зборува
  • Секогаш простувај им на другите но никогаш себеси
  • Пријателот среќата го создава а несреќата го проверува
  • Да се владее над себе е најголема власт
  • Времето ќе ја покаже вистината
  • Кога љубовта зборува разумот молчи
  • Посветеното внимание е најдобриот пат до пријателство
  • Демократијата е најлошата форма на владеење ако ги изземеме останатите
  • Историјата се повторува но секој пат чини се повеќе
  • Кој мисли дека е среќен тој навистина е среќен
  • Жената не се служи со лаги за да нападне туку да се одбрани
  • Кога убиваат без вина можеби и ослободуваат без оправдување
  • Иди напред после умри
  • Сите идеали на овој свет не вредат колку една детска солза
  • Четири работи не може да се вратат: изговорен збор, фрлена стрела, поминат живот и пропуштена прилика
  • Карактерот на човекот може да го сменат само парите и жените
  • Ако сакаш да престанеш да пиеш набљудувај пијан човек додека си трезен
  • Децата се огледало на родителите
  • Човекот е среќен онолку колку што е способен да ги усреќи другите
  • Човекот не го возбудува тоа што се случува често
  • Среќата им помага на храбрите
  • Затвори ја устата отвори ги очите
  • Секој човек може да згреши
  • И од непријателот треба да се учи
  • Подобро не почнувај отколку да застанеш на половина пат
  • Секој почеток е тежок
  • Повторувањето е мајка на знаењето


copyright (c) 2008
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0 Unported
Смеете да ги користите содржините и да правите дела произлезени од нив, под услов соодветно да го наведете изворот и да ги дистрибуирате под лиценца компатибилна со оваа.