сабота, 27 ноември 2010 г.

Груевски мора да си оди, Бранко не смее да се врати (2/3)

На почетокот од оваа година пишував на оваа тема1. Сега по настаните во А1 телевизија2, само се потврдува мојата тогашна констатација. Политичко економската ситуација во Македонија станува се поочајна и поочајна. Еве, добивме извештај3 од Европската Комисија. Позицијата на чело со Груевски вели дека е позитивен, опозицијата на чело со Бранко вели дека е негативен. Но без разлика како гледаме на Извештајот, ситуацијата е такваа каква што е, а таа е прилично лоша. Некако најдобро отсликување на состојбите во Македонија ми дава уредникот на весникот „Вест“ во своите редовни колумни насловени како „Сакам да кажам“.4, 5

Но да се вратиме на настаните во врска со А1 телевизија. Несмасната акција на државните институции (УЈП, Финансиската полиција, МВР), опозицијата се истрча да ги окарактеризира како задушување на демократијата, опсада на независен медиум. На лице место не излезе само уште Бранко за да се комплетира сликата. Јадни се нашиве политичари од опозицијата кога не можат да искористат една убава ситуација подарена на тацна од власта за да и ги раздрмаат сигурните позиции.

Можеби од сето тоа што го тврдеа збунетите опозиционери дека власта сака да ја задуши демократијата во Македонија има голема вистина но главната поента на акцијата по се изгледа не била тоа. Најверојатно се работи за криминал на газда Велија, според кажувањата на директорот на УЈП - Горан Трајковски, газда Велија длабоко загазил во криминал. Вистината како и сегоаш веројатно е некаде на средината.

И по сите овие игри кои ни ги приредија власта и опозицијата овие денови, целата нација се потресе за наводен криминал од 7-8 милиони евра. Криминал си е криминал нели. Но сепак во државава се прави многу поголем криминал, поединечно и збирно. Се ми се чини дека најголемиот криминал го прави државата преку своите мегаломански проекти: „Скопје 2014“, „Компјутер за секое дете“, „Интернет киосци“, „Бесплатни учебници“, „Жичарница на Водно“, Распределба на станови за млади брачни парови, Околчување на заедничките простори низ градот и нивна пренамена во паркинзи на кои солено се наплаќа паркирањето, а има и многу други.

Политиката на Груевски заедно со неговата владеачка гарнитура мора да си оди од политичката сцена во Македонија што е можно побрзо ако овој народ сака да има подобра иднина. Оваа политика го води македонското општество во пропаст.

Настојувањата на опозицијата да се врати на власт, само пополнувајќи го просторот што ќе се ослободи со заминувањето на Груевски од власт се толку проѕирни и мизерни што овој народ треба лесно да ги прочита и да не дозволи истото да се случи по никоја цена.

Секако овие двајца ќе се обидат да создадат ситуација за избор на помалото зло, демек змија да те апне или магаре да ти го бапне. Преголем луксуз би си направила генерацијата која порасна во транзициска Македонија ако дозволи уште еднаш да биде насамарена на овој начин. Тогаш тоа оваа генерација дефинитивно ќе биде генерација која порасна во транзициска Македонија, но и која ќе умре во транзициска Македонија.

Конечно таа генерација тоа не смее да си го дозволи за себе но и за генерацијата која што се роди во таа транзиција, односно нивните деца и внуци.

Груевски мора да си оди!
Бранко не смее да се врати!

Во Македонија мора да се појави нова политичка сила која ќе го управува општеството во подобра иднина. Таа политичка сила не е ДПМНЕ, не е СДСМ. Тоа треба да биде најголемата задача на оваа генерација, да создаде политичка опција која критички, чесно и принципиелно ќе го води општеството во подобра иднина за идните генерации.



[1] Груевски мора да си оди, Бранко не смее да се врати
[2] Twitter hash tag #opsada, во врска со настаните околу А1 телевизија
[3] Извештај на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2010 година
[4] Премиер во сенка
[5] Барокно огледало


copyright (c) 2008
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0 Unported
Смеете да ги користите содржините и да правите дела произлезени од нив, под услов соодветно да го наведете изворот и да ги дистрибуирате под лиценца компатибилна со оваа.