сабота, 26 февруари 2011 г.

СДСМ повлече потез, ВМРО е на ред

Оставка на претседателот на ДИК! Трагично? Еден партиски војник одработи за својата матица. Како што дојде така и замина.

Но ДИК е дувло на опозициската партија. Таму непосредно пред изборите 2006/2008 година се удомија партиски кадри. Сега СДСМ има можност да манипулира со сите нив. Да ги користи како шаховски фигури во партијата која ја игра со ВМРО-ДПМНЕ.

Сведоци сме на интересна игра изминатиов период.

Бранко изнуди предвремени избори. Ја искористи својата умешност. Го подбуцна незадоволниот народ. Изнесе толпа луѓе на улицата пред владата. Го искористи криминалот на еден газда да издејствува влошување на медиумската слобода. Му погодуваше и абортирањето на една притвореничка. Покажа дека нема независно судсво, дека во Македонија не важи презумпција на невиност. Дека притворот е инструмент за казна, често пати и единствена цел. Тоа е злоупотреба на законот од позиција на власт.

Никола виде дека работите тргнаа надолу за него. Направи одличен тактички потез. Сакате избори, еве ви уште утре! Мотивите се јасни. СДСМ не е толку јака во моментов. Многу е послаба од ВМРО-ДПМНЕ но како ќе одминува времето таа предност ќе се топи. Тоа го знае и Бранко. Негова проценка е дека до средината на оваа година, кога тој ги посакува изборите, ситуацијата ќе се промени во негова полза. Но не порано. Тоа го знае и Никола.

Затоа според Никола избори мора да има многу брзо, само така ќе се задржи значителната предност. Но Бранко не е до толку глуп. Еднаш го надмудри Никола, го доби на предвремени избори. Сега ќе мора да влече потези за да добие на време. Затоа ќе се послужи со своите партиски војници во ДИК. Претседателот се жртвуваше. Во најмала рака се добија десетина дена. Но тоа е и потез кој го става го незгодна позиција Никола.

Законот вели претседателот на ДИК го предлага опозицијата. Значи пак Бранко. Фактички Бранко ем доби нови десетина дена, ем ќе се обиде повторно да намести свој војник, кому ќе му треба малку време да се запознае со тековната состојба во ДИК (читај ќе му купи уште некој ден на Бранко). Но Бранко може да одигра и друг потез. Не мора да предложи човек. Тоа задоволство ќе му го даде на Никола ама затоа ќе го стави во позиција да докажува дека ја нема сета контрола на изборниот процес во свои раце, а тоа ќе биде тешко.

А каде се манипулациите со Пописот 2011. Веќе има блокада таму. Никола вели дека активностите за пописот течат нормално. Ако течат нормално тоа значи во април треба да има попис на терен. Ако има попис тешко да се изведе да има и избори, т.е. изборна кампања. Значи мора Никола да каже дека го одложува пописот, т.е. ДУИ биле во право што ја бојкотирале работата, а пописот мора да се изврши веднаш после изборите само што тогаш ДУИ ќе си ги радикализира своите барања. Тоа оди во прилог на претпоставката на Бранко дека македонецот не го чека светла иднина ако вака се одвиваат работите. Тоа може да го свати секој.

Конечно истрагата со А1, колку долго може да се продолжува притворот на толку многу луѓе? Јасно е дека ако има избори нема да биде така лесно да се суди за овој случај. Ама ако процесот се стави во мирување, тоа значи очигледен доказ дека судството е тапа, најверојатно голем дел од притворените ќе одат на слобода ако не и сите. Никој не би сакал продолжување на таков систем. Што значи пак вртење на водата на воденицата на Бранко. Ако процесот се продолжи во услови на одвивање на избори тоа ќе значи негативен сигнал за гласачкото тело, лоша слика кај меѓународната заедница.

Никола може да ги пушти од притвор сите од случајот „Пајажина“ а процесот да го продолжи. Сметките да бидат блокирани. Така можеби ќе има помала политичка штета а и ќе добие некој поен кај гласачите. Ама затоа Велија на слобода може да биде многу опасен по изборните резултати.

Времето е против двајцата играчи. На Никола сега му се брза затоа што така има најголеми шанси да ги добие изборите. На Бранко му треба време во кое ќе се обиде Никола да го истошти пред самиот чин на изборите.

Во секој случај извесно е дека избори ќе има некаде помеѓу двата посакувани термини на ривалите. Сигурно нема да има утре избори, мора да поминат 60 дена од распуштањето на Собранието. Сигурно Бранко ќе купи уште некој ден. Десетина дена веќе купи. За верување е дека ќе купи уште други дваесетина дена. Прашање е која ќе биде цената која треба да ја плати за тие денови. Јавноста сака да види изборна битка поскоро и секој обид за пролонгирање не значи придобивање на неопределените гласачи.

Нема коментари:

Објави коментар



copyright (c) 2008
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0 Unported
Смеете да ги користите содржините и да правите дела произлезени од нив, под услов соодветно да го наведете изворот и да ги дистрибуирате под лиценца компатибилна со оваа.