Обама нов претседател на САД. На своето прво обраќање до американската нација Обама изјави: "Промената пристигна во САД. Патот пред нас е долг и тежок. Можеби нема да стигнеме до целта за една година, ниту за еден мандат, но никогаш повеќе отколку вечерва сум немал повеќе верба дека ќе стигнеме до целта". Новиот претседател ќе стапи на својата должност на почетокот од јануари 2009 година. Во неговиот кабинет најверојатно ќе бидат Џон Кери, Ричард Холбрук, Џим Стајнберг, Чак Хејгел и Роберт Гејтс. |
Сенаторот Обама победи во Вирџинија, Калифорнија, Флорида, Колорадо, Охајо, Пенсилванија, Вермонт, Делавер, Њу Хемпшир, Илиноис, Масачусетс, Њу Џерси, Минесота, Њујорк, Висконсин, Мичиген, Мејн, Њу Мексико, Колумбија, Вашингтон.
Сенаторот Меккејн победи во Кентаки, Тенеси, Оклахома, Јужна Каролина, Алабама, Џорџија, Северна Дакота, Западна Вирџинија, Луизијана, Тексас, Мисури, Вајоминг.
Обама му честита на својот републикански ривал - Џон Меккеј за "тешката кампања". Меккејн телефонски му честита на Обама за победата, изјавувајќи дека и покрај несогласувањата со Обама подготвен е заедно да работи со новиот претседател за доброто на американската нација.
Нов претседателски кабинет
Само неколку часа по изборот на Обама за нов претседател на САД, започнато е со шпекулациите за тоа кои би биле клучните личности во неговиот претседателски кабинет. Меѓу првите имиња се споменуваат Џон Кери, Ричард Холбрук, Џим Стајнберг, републиканецот Чак Хејгел и досегашниот секретар за одбрана Роберт Гејтс.
Обама ги чува во строга тајност своите планови за новиот кабинет, но сепак во текот на својата кампања навести дека "има јасни идеи за тоа кои се неговите кандидати за клучните позиции", велејќи дека таму ќе има место и за републиканците.
Како можни кандидати за државен секретар се спомнуваат: поранешниот претседателски кандидат на демократите а сега сенатор од Масачусетс - Џон Кери, поранешниот дипломат и пратеник за Балканот во администрацијата на Клинтон - Ричард Холбрубк, републиканскиот сенатор - Чак Хејгел и поранешниот сенатор од Џорџија - Сем Нун. Веројатен кандидат за државен секретар е Хилари Клинтон - против кандидатот на Барак Обама од Демократската партија (Yahoo news, 2008.11.15 - Hillary Clinton Said to Be Frontrunner for Secretary of State).
Главен кандидат за советник за национална безбедност е Џејмс Стајнберг, исто така поранешен советник на Клинтон, а како можен избор се спомнува и Сузан Рајс, некогашна соработничка на Клинтон.
Обама во текот на кампањата за прашањата сврзани со надворешната политика се потпираше на Марк Липерт, Денис Мекдоноу и Бен Роуд, така да може да се очекува овие да добијат места во Белата куќа и Стејт департментот.
Според некои проценки Обама би можел да го задржи актуелниот секретар за одбрана - Роберт Гејтс, со оглед на војните во тек во Ирак и Авганистан. Но како можен негов наследник се спомнува и поранешниот секретар на морнарицата - Ричард Данциг.
Као можни шефови на кабинетот се спомнуваат Том Дешел и Рахм Емануел од демократската партија.
Портпарол на Белата куќа веројатно ќе биде клучниот советник за комуникација - Роберт Гибс.
Местото, секретар за финансии, со оглед на актуелната економска и финансиска ситуација би требало да биде едно од пожешките столчиња. Кандидатот ќе има задача да спроведе пакет финансиски зафати за кои се наменети 700 милијарди долари. За можни кандидати се спомнуваат поранешниот секретар за финансии - Лоренс Самерс, поранешниот претседател на федералните резерви - Пол Вокер и познатиот инвеститор - Ворен Бафет.
Македонија
"Без разлика кој е на власт во САД, пријателството на САД со Македонија е стабилно. Можни се одредени нијанси во зависност од тоа кој кандидат ќе победи, но тоа се нијанси. Не ми се верува дека суштински би се променила политиката.", вели амбасадорот Јолевски.
Македонските иселеници во Флорида, сметаат дека републиканците отсекогаш биле наклонети кон Македонија и дека доколку републиканецот Меккејн биде претседател на САД, надворешната политика кон нашата земја нема да се смени во иднина. Американските државјани со македонско потекло, како и повеќето македонски граѓани најмногу стравуваат од влијанието на моќното грчко лоби во таборот на демократите и поддршката што му ја даваат на нивниот претседателски кандидат Обама, што е поврзано со македонско-грчките преговори за името.
Грчкото лоби во американската политика (Барак Обама, сенатор Боб Мендез, сенаторка Олимпија Снови, конгресмените Роберт Векслер, Елтон Галеги, Керолин Малони и Гас Билиракис, Ендрју А. Атенс, Ендрју Е. Манатос, Филип Христофер, Паникос Папаниколау, Никос Мојарис) ја турка иницијативата во Сенатот за "стопирање на државната пропаганда на ФИРОМ која ја загрозува Грција". Лобито се повикува на ТВ извештаи кои покажуваат како македонските ученици учат дека делови од Грција треба да и припаднат на Македонија, се наведуваат и картите од македонската Воена Академија кои ја покажуваат "Голема Македонија".
Честитки од светските лидери
Францускиот претседател Никола Саркози, во својата честитка до Обама наведува дека неговиот избор буди големи надежи во Франција и Европа. "Во моментот кога мораме заедно да се соочиме со големите предизвици, вашиот избор пробуди големи надежи во Франција, Европа и светот. Франција и Европа со нова енергија ќе соработуваат со САД за зачувување на мирот и за светски напредок".
Канадскиот премиер Стивен Харпер изјави дека со задоволство очекува средба со новоизбраниот претседател и понатамошно јакнење на врските меѓу САД и Канада.
Меѓу првите, свои честитки испрати и претседателот на Кенија - Мваи Кибаки, истакнувајќи дека неговата земја е горда на кениското потекло на новиот американски престедател.
Членовите на семејството на Обама во Кенија ја прославуваат неговата победа. Многумина се надеваат дека победата на Обама ќе значи многу за Африка, најсиромашниот континент.
Председателот на Јужна Африка - Кгалема Мотланте истакна дека "Африка денес е горда на Обама" и изрази надеж дека во текот на неговиот мандат ќе биде посветено поголемо внимание на проблемите на сиромаштијата и неразвиеноста на црниот континент.
Биографија
Роден е на 4 август 1961 година во Хонолулу на Хаваите. Син е на Кениец и бела Американка од Вичита, Канзас. Тие се разделуваат кога Барак има две години и подоцна се разведуваат. Таткото на Обама се враќа во Кенија и успева да го види сина си пред да загине во сообраќајна несреќа во 1982. По разводот мајка му се мажи за Лоло Суторо и целото семејство се сели во неговата родна земја, Индонезија. Таму Барак посетувал училиште во Џакарта, додека да наполни десет години. Потоа Барак се сели во Хонолулу, каде живее со родителите на мајка му. Неговата мајка умира во 1995 година како последица од рак на јајчниците. По гимназијата Обама се сели во Лос Анџелес, каде учи две години во универзитет.
Завршил политиколошки студии на Колумбија Универзитетот во Њујорк, а докторирал право на Харвард.
Својата кариера ја започнал во Чикаго, работејќи со организации кои му помагале на сиромашното црнечко население и се залагале за заштита на човековите права.
Од 1992 до 1995 бил адвокат и предавач по уставно право на Универзитетот во Чикаго. Член е на Сенатот на државата Илиноис во 1996 година, а 2004 година избран е во Сенатот на САД. После терористичките напади на САД од 11 септември 2000 година, Обама се ангажира во кампања против војната во Ирак.
На пошироката јавност и станува познат после неговиот говор на националната конвенција на Демократите во Бостон 2004 година, кога укажал на потребата од надминување на поделбите во демократскиот блок.
Списанието "Time" во 2005 година го става на листата на 100 највлијателни луѓе на светот.
Допринел за носење на законот за контрола на конвеционалното вооружување и влијаел на јакнењето на јавната контрола врз користењето на федералните фондови. Допринел за носење на законот за лобирање и изборни фондови, законот за климатски промени, нуклеарен тероризам и грижа за американските воени повратници.
Во февруари 2007 година објави дека ќе учествува на изборите за претседател на САД.
Обама, првиот афроамериканец претседател на САД, компонира, пишува песни и книги. Неговата сопруга Мишел Робинсон е адвокат со која имаат две ќерки Малија и Саша.
Нема коментари:
Објави коментар