четврток, 18 декември 2008 г.

Патриотските фискални неуставни

Не постои критериум да се оцени која услуга или производ се македонски а кои не се. Доколку и постои тој е толку комплициран и недоверлив што не се исплати да се размислува за него. Апсолутно е небитно за потрошувачот да знае кој производ со какво потекло е. Како потрошувач првенствено заинтересиран сум за квалитетот и цената на производот/услугата. Целата оваа акција на владата личи на државен рекет.

Деновиве сме сведоци на одлуката на Уставниот суд на Република Македонија со која се укинати одредби од Правилникот на Министерството за финансии што ги обврзуваа трговците да користат фискални каси, кои купените македонски производи ги регистрираат одвоено од странските. Уставниот суд одлучил дека издвојувањето на македонските од странските производи создава нееднаквост меѓу стопанските субјекти на пазарот и ја нарушува слободата на пазарот и претприемништвото, гарантирани со Уставот. Патриотските фискални сметки се спротивни и на Спогодбата за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Македонија и Европската Унија. Правилникот на Министерството за финансии не е во согласност ни со Законот за регистрирање на готовинското плаќање, во него не е предвидено при прометот производите да се класифицираат според потеклото.

Владата на Република Македонија на околу 55.000 претпријатија ќе треба да им врати околу 5,5 милиона евра затоа што под закана со казни од 4.000 до 5.000 евра ги натера да го променат софтверот во фискалните каси со цел да се испочитува Правилникот на Министерството за финансии. Но покрај трошоците кои ги трпеа претпријатијата за промена на софтверот, тие имаа и дополнителни трошоци, бидејќи мораа да ангажираат дополнителни ресурси за промена на податоците во фискалните мемории. А сега ќе имаат дополнителни трошоци за бришење на податоците согласно одлуката на Уставниот суд.

Употребата на патриотските фискални сметки почна на 1 јули 2008 година. Владини претставници тогаш изјавија дека ќе ги сносат евентуалните последици што ќе произлезат од евентуална одлука на Уставниот суд за поништување на одредбите од Правилникот. Ако Владата сама не им ги врати парите на претпријатијата кои трпеле трошоци, тогаш тие имаат основа да ја тужат и да добијат соодветно обесштетување. Уште повеќе Владата треба да ги сноси и трошоците за бришењето на ознаката „македонски производи“ од софтверот во фискалните каси.

Не видовме позитивни ефекти од воведувањето на патриотските фискални, освен купишта грешки во расчленувањето кој производ е домашен а кој странски. Поради тврдоглавоста на Владата, сега македонската економија ќе трпи штети. Без разлика што Владата е таа која треба да ги обесштети претпријатијата кои претрпеле штети, јасно е како солза дека штетата ќе си ја платат уште еднаш самите претпријатија, т.е. посредно граѓанинот кој купувајќи ќе плаќа повисоки цени кај трговците. Ако Владата избере алиби дека обесштетувањето не произлегува од одлуката на Уставниот суд, тоа ќе биде само вовед во ново малтретирање на претпријатијата кои правдата ќе мора да ја бараат на суд, што ќе значи уште поголеми трошоци за господинот граѓанин.

Владата смислено и силеџиски постапи во овој случај. Некаде пред вонредните парламентарни избори (април/мај) Владата премолчено ги стопира активностите околу воведување на т.н. патриотски фискални со цел да не се револтираат трговците во овој предизборен период. (2008.04.14 Утрински весник - Стопирани „патриотски“ фискални сметки? )

Покрај тоа, голем број на јавни субјекти оваа владина одлука не ја испочитуваа на време. (Ресторанот во Собранието на Република Македонија, Патарините, ...)

Првичните реакции на министерот за финансии Трајко Славески делуваат премногу несериозно, демек, касите и онака им биле стари на трговците, па крајно време било да ги заменат. Иако токму овој господин треба да си поднесе неотповиклива оставка уште пред нова година.

Партискиот портпарол Бичиклиски изјавува дека за сето ова била крива опозициската СДСМ. Кој мрсулко!

Надворешни врски

Нема коментари:

Објави коментар



copyright (c) 2008
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0 Unported
Смеете да ги користите содржините и да правите дела произлезени од нив, под услов соодветно да го наведете изворот и да ги дистрибуирате под лиценца компатибилна со оваа.