четврток, 18 декември 2008 г.

Свети Никола

Свети Никола е христијански светец и чудотворец. На запад често се споредува со Дедо Мраз (Santa Claus). Се смета за заштитник на морепловците, трговците, стрелците, децата и студентите.

Свети Никола се родил во областа Ликија во Мала Азија, во градот Патара околу 270 година. Бил единственото дете на наговите родители, таткото Теофан и мајката Нона. На духовниот живот го подучувал неговиот стрико, Николај, кој бил епископ Патарски. Тие двајцата се замонашиле во еден манастир. После смртта на своите родители, Свети Никола го продал целиот имот а парите ги разделил на сиромасите. Некое време бил свештеник во својот роден град. Подоцна го започнал својот самотен живот очекувајќи ја својата смрт. Но во текот на неговиот самотен живот му се јавил гласот Господов и му рекол: Никола, појди кај народот и направи подвиг. И така Свети Никола го напуштил својот самотен живот. Бил избран за архиепископ на градот Мир во Ликија.

За време на владеењето на царевите Диоклецијан и Максимијан биле гонети и мачени христијаните, така и Свети Никола бил затворен во темница. Но Свети Никола никогаш не се поколебал да продолжи со ширењето и проповедањето на христјанството. За време на царот Константин Велики, била призната Христијанската вера и и било дадена целосна слобода. Тогаш Свети Никола развил уште поголема дејност и во Христијанската вера привел мноштво луѓе.

Свети Никола присуствувал на Првиот Вселенски собор во Никеја, но поради тоа што во една прилика го удрил александрискиот свештеник Ариј, бил обвинет за ерес и одалечен од соборот со забрана за негово понатамошно учество. Во некои списи се спомнува дека му било одобрено повторно присуство на Вселенскиот собор откако на некои архиереи им се јавил гласот на Господ Исус Хрисус и Пресвета Богородица велејќи им дека е направена голема неправда кон Свети Никола.

Доживеал длабока старост а починал на 6 декември 343 година, според стариот календар, т.е. 19 декември според новиот календар.

Мошти на Свети Никола
После смртта на Свети Никола неговото тело било погребано во градот Мир во Ликијската област во Мала Азија.

На 26 август 1071 године византиска војска била поразена од турците селџуци со што губи контролата над поголемиот дел од Мала Азија. Подоцна византијците упеале да повратат дел од контролата над овие територии (за време на владеењето на Алексеј I Комнен) но за сето време трпеле напади од турците селџуци. Се верува дека некаде во ова време Свети Никола се има јавено на сон на еден свештеник од Бари (денешна Италија) и му рекол неговите мошти да бидат пренесени од Мир во Бари, кој во тоа време бил православен град под јурисдикција на православен патријарх. Моштите пристигнале во Бари на 9 мај 1087 година.

Чудотворни моќи
Христијаните веруваат дека Свети Никола е чудотворец и дека од неговите мошти постојано зрачи свето миро, со кое се лечат многу болни од разни болести.

Се празнува како детски празник во Германија, Холандија и Белгија. Заштитник е на градот Амстердам, Прилеп, Свети Николе како и на државите Русија и Грција.

Свети Никола е заштитник на многу градови и пристаништа (посебно во Грција и Италија). Свети Никола бил спасител на изгубените и насукани бродови па затоа се смета дека е заштитник на морепловците, поради што морепловците често се молат на Свети Никола при опасни ситуации и бродоломи. Спроти денот на славењето бродовите застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето, морнарите ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе продолжат со пловењето.

Со своите чудесни моќи Свети Никола помага секому кој ќе му се обрати за помош. Со помош на неговата молитва на слепите им се враќа видот, неподвижните проодуваат а глувите прослушуваат.

На иконите Свети Никола се претставува со својата архиерејска одежда.

Прослава на Свети Никола
Според традицијата и обичаите, рибата е задолжителен дел од посната "Светиниколска трпеза". Поради тоа, овој ден се слави и како празник на рибата.

Црквата во Мир
Во градот Мир (денес Демре) се наоѓа црква посветена на Свети Никола. Црквата датира од 4 век кога свети Никола бил поставен за епископ на градот. Денес црквата е во фаза на реставрација и претворена е во музеј. Многу години, религиозните и политичките власти се расправале околу прашањето дали може да се служи света Евхаристија во неа. Тоа не било возможно дури ни на датата кога се слави овој Светител, односно денот на неговото упокојување.

Со години не биле дозволени богослужби во оваа црква. Биле дозволени само посети на групи кои претходно имале купено влезници од Турската туристичка агенција, како за посета на музеј. Но, ова не ги обесхрабрило верните, а особено Русите биле оние што патувале до тука во посета на ова место. Уште од времето на Византија почитувањето на свети Николај било пренесено во руските градови, каде што после многу векови толку се вкоренило така што овој Светител бил прогласен за заштитник на руската нација. Само во 2007 година, според одредени истражувања, ова место го посетиле над 250.000 Руси. Со голема радост и задоволство на целата Православна Црква, на Цариградскиот патријарх Вартоломеј, после пет години инсистирање и трпение кон властите во Анкара сега му е дозволено да служи Литургија во црквата на овој Светител. Средбата помеѓу патријархот и новиот министер за култура Ертуѓул Гунај бил клучен. Министерот рекол: Јас искрено посакувам секој граѓанин во оваа земја да може слободно да си ја празнува својата религија на местото најзначајно за почитување. Тој, не само што дозволил служење на Литургија во црквата на свети Никола во Демре туку и донирал 40.000 турски лири (околу 25.000 евра) за завршување на работите на базиликата.

Нема коментари:

Објави коментар



copyright (c) 2008
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0 Unported
Смеете да ги користите содржините и да правите дела произлезени од нив, под услов соодветно да го наведете изворот и да ги дистрибуирате под лиценца компатибилна со оваа.