петок, 3 октомври 2008 г.

МРА Смедерево

Младинска работна акција - Смедерево, прво искуство надвор од моето место на живеење. Се сместивме во бараките од работниот камп, две - три бараки беа на нашата бригада од Македонија а имаше уште петнаесетина други бригади од цела Југославија, од сите републики и покраини, братство единство беше тоа. Навистина беше интересно искуство.
Велеа дека ако немаш пари за одмор на море, тогаш најдобра опција се младинските работни акции. Бесплатно сместување, друштво, забава и нови искуства. А јас сметав дека дури и да треба да платиш нема да биде штета, само да го доживееш тоа искуство што се доживува таму. За мене беше навистина убаво искуство на секој план.

За прв пат во мојот живот имав прилика подолго време да се одделам од моето семејство, да се дружам со мои врсници кои размислуваат слично како мене, да сретнам индивидуи од различни националности кои зборуваат различни јазици. И се тоа да не ме чини ништо. Добро, не беше баш за џабе, се работеше за работна акција, но тоа беше симболично, поголем акцент беше ставен на дружењето и јакнењето на братството и единството.

А богами тоа беше добра прилика да се испроба својата среќа и на друг план. Се случуваа навистина фасцинантни работи. Љубовта започната таму често пати се крунисуваше со брак после работната ација или на самата работна акција. Секако ова повеќе беше резервирано за постарите генерации, за мене беше битно љубовта да се круниса со нешто друго. А зошто да не подоцна и со брак или барем со трајно пријателство.

Најповеќе во својот слободен начин на живот предничеа словенките, па хрватките, србинките, босанките, па македонките на последно место. Но, можеби проблем беше менталитетот, сепак на крај подеднакво се случуваа авантури и на македонките како и на останатите.







Видео клипови од YouTube
Hej haj brigade
Omladinske radne akcije (1)
Omladinske radne akcije (2)
Brigadirski zavet
Ок, покрај она задолжително рано станување на сабајле, фискултурни активности, подигнување на знаме, слушање на химна, појадок, одење на траса за работа, маренда, враќање од траса, туширање, прогласување на нормите, ручек, попладневни активности, вечера, забавен живот, повечерје и се така триесетина дена, се случуваа и останатите активности за кои бевме дојдени повеќето од нас.

Јас ја имав таа среќа уште првите денови да се сретнам со Кармен, од Марибор, прекрасна словенка, отворена и слободна за секаков разговор. Ме изненади со нејзината отвореност и желба да се дружи. И беше многу драго што се запознала со македонец, впрочем изгледаше како тоа и да и била главната цел на нејзиното доаѓање на оваа младинска акција. И тоа баш мене да ме најде да ме дружи. Просто, се залепивме како магнети еден за друг уште веднаш после првото запознавање. Подоцна едвај чекав да се вратиме од траса и брзо да ги завршам моите задолжителни обврски и веднаш после тоа да се најдам со Кармен, а богами ист беше случајот и со неа.

Подоцна, часови и часови бевме заедно. Јас често пати знаев да појдам во нејзиниот камп и да се вклучам во нивните активности околу подготовките на некоја точка од предвидениот културно забавен план и обратно, таа да дојде во македонскиот камп и таму да престојува до последниот миг заедно со мене.

Набрзо станавме препознатлив пар во целиот работен камп. Таа беше студент на прва година, машинство, имаше навистина широки познавања од оваа област. Во работниот камп после пладне се одржуваа организирани активности од различни области. Јас и Кармен се зачленивме во воздухополовната секција. Предвидени беа 15 работни денови обука и 2 дена летање со школоски моторен авион, како и обука за падобрански скокови.

На почетокот, нашата врска повеќе се засноваше на желбата да се запознаеме, се шегувавме на сметка на нашите различни јазици, култура и обичаи. Но подоцна, со секој поминат ден стануваше се појака и појака нашата љубовна врска. Доволно ни беше да сме еден покрај друг, да се набљудуваме, додирнуваме, гушкаме и денот да ни помине како миг. Се шетавме низ кампусот секогаш држејќи се за раце или гушкајќи се. Насмевката не се симнуваше од нашите лица.

Во вечерните часови, одевме на забава, слушавме музика и танцувавме. Кармен беше мојата учителка во тој поглед, колку да бев невешт, таа стрпливо ме подучуваше, за подоцна да станам успешен ученик на нејзино огромно задоволство. Посебно ни беше драго што бевме прифатени и почитувани од нашите пријатели во кампот.

Во подоцнежните вечерни часови ќе заминевме во некое затскриено место, под отвореното небо, под звездениот свод, и долго, долго ќе се бакнуваме припени еден кон друг, сакајќи да го продолжиме овој возљубен миг до бесконечност.

Крајот на нашата смена се ближеше, јасно беше дека се ближи нашата разделба, доаѓа моментот на напуштање на кампот, зад нас остануваа триесетина дена дружење и љубов. Но освен за неколку среќници за повеќето од нас денот на раделбата значеше разделба за секогаш.

Тешко беше да ги гледаш младите парови како не можат да се одвојат од своите цврсти прегратки. Солзи како петлици се лееа. Срцата ни играа од возбуда и тага, ги губевме нашите пријатели, нашите љубени. Често беше потребно да дојде некој и присилно да раздели некој од паровите.

Моето срце силно трепереше, чинам ќе ми препукнеше, свесен бев дека ја загубив Кармен. И покрај сите меѓусебни ветувања дека никогаш нема да ги заборавиме нашите заеднички мигови на среќа и радост, и на двајцата ни беше јасно дека ова што се случува мора да се случи.

Уште долго останав во контакт со мојата љубена Кармен, но никогаш повеќе не се бакнавме, никогаш повеќе не се прегрнавме, никогаш повеќе не се видовме.


Нема коментари:

Објави коментар



copyright (c) 2008
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0 Unported
Смеете да ги користите содржините и да правите дела произлезени од нив, под услов соодветно да го наведете изворот и да ги дистрибуирате под лиценца компатибилна со оваа.