Православната црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка поради што во народот често се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Инаку општо кај христијаните постојат повеќе маченици со ова име. Името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот како ден пред сабота, (во стариот завет саботата била празник, а не неделата) бил ден за подготовки пред празникот. Во петокот евреите се подготвувале за саботата. Параскева значи подготовка.
Света Петка Римска, е маченица од II век, која му го има вратено видот на императорот Антонио Пиј. Нејзиниот ден се празнува на 8 август (по новиот календар) односно на 27 јули (по стариот календар).
Света Петка Трновска, во Србија позната и како Света Петка Биоградска, е една од најзначајните, чиј ден се одбележува на 27 октомври (по новиот календар) односно на 14 октомври (по стариот календар), родена е во Епиват во Тракија на брегот на Средоземното Море кон крајот на 10 век. Родителите и биле побожни и така ги воспитувале и своите деца. Покрај Петка имале и син, Ефтимиј, кој за време на животот се замонашил и подоцна станал угледен епископ Малитски. Кога и умреле родителите Параскева заминала во Јорданската пустина каде што долго живеела во молитви, пост и плач. Се хранела со пустинска растителна храна, само еднаш во денот и тоа навечер. Долго време ѓаволот се обидувал да ја одврати од приврзаноста кон Бога. Се преправал во разни форми, па и како ѕвер ја напаѓал но таа не се поколебала.
Кога остарела ангелот божји и соопштил дека треба да се врати во родното место зошто е дојден часот кога треба душата да му ја предаде на Бога. „Остави ја пустината и врати се во својата татковина, бидејќи таму треба да го оставиш телото на земјата а со душата да преминеш кај Господа“. Параскева набргу се вратила во родното место и никому не кажувала која е. Набргу умрела, а бидејќи жителите на нејзиното родно место не ја познавале, ја погребале не на селските гробишта, туку одделно како странец. Била погребана близу до морскиот брег, а во близината имало еден столб и на него седел некој столпник. По извесно време морските бранови исфрлиле тело на некој патник кој умрел на брод а морнарите го фрлиле во морето. Тоа тело набргу почнало да се распаѓа од што засмрдела целата околина. Тогаш столпникот слегол од столбот и замолил некои луѓе да го закопаат во земја за да не смрди. Тие почнале да копаат во близината на брегот и на нивно изненадување наишле на тело на жена, но не му посветиле поголемо внимание зошто како што си мислеле ако било на некоја светица Господ порано со некои чуда ќе укажел на него. Телото на жената Света Петка го закопале, а врз него телото на патникот што го исфрлило морето.
Ноќта на еден од тие луѓе по име Ѓорѓија му се сонила царица на светол престол со многу светли војници. Ѓорѓија тогаш паднал, а еден од војниците му пришол, го подигнал и го прекорил што телото на Света Петка го погребале заедно со смрденото тело на патникот „Ѓорѓија, зошто го презревте телото на преподобната Параскева и заедно со неа го сохранивте смрдливото тело? Веднаш земете го телото на преподобната и положете го на достојно место зошто Бог сакаше да ја прослави на земјата рабата своја“. Тогаш и царицата му рекла: „Побрзај да ги земеш моите мошти и да ги положиш на достојно место, бидејќи не можам повеќе да ја трпам смрдеата од тој труп. Оти и јас сум жена, и мојата родбина е Епиват, каде сега и вие живеете“. Таа ноќ истото и се сонило и на некоја жена. Утрото и двајцата ги раскажале соновите по што со голема свеченост телото на Света Петка било откопано и погребано во црквата на Светите Апостоли Петар и Павле во Епиват.
Моштите на Света Петка неколкупати биле преместувани: во Цариград, во Велико Трново, па пак во Цариград, па во Белград. А од 1641 година почиваат во Романија во црквата „Три светци“ во светиот град Јаш.
Во Белград постои извор на тврдината Калемегдан (каде што нејзините мошти извесно време почивале) чија вода (агијазма) чудотворно ги лечи сите болни што и притекнуваат со вера во Бога и со љубов кон светителката.
Во народните маси Петковден е еден од празниците, кој го одбележува завршувањето на летото, почетокот на зимата и крајот на земјоделскиот и годишниот животен циклус. Затоа народот вели: На Петковден ралото да ти е под стреата.
Во Македонија постојат повеќе црковни храмови кои го носат името на оваа светица: Црква „Св. Петка“ во Трстеник, Манастирец, Бистренци, Војшанци, ...
понеделник, 20 октомври 2008 г.
Претплати се на:
Коментари на објава (Atom)
Нема коментари:
Објави коментар