сабота, 26 февруари 2011

Никола и Бранко одете си!

Дојде време да им кажеме збогум на двајцата. Сега имаме извонредна прилика. Но дали така ќе одлучат гласачите ќе се види на следните избори, брзи, скори, предвремени или редовни сеедно. Деновиве се случува „тепачка“ помеѓу двете најголеми банди во Македонија за контрола над ова парче земја. После разрешицата на таа битка Македонија нема да биде иста со таа пред битката.

На Македонија не и треба ни Бранко ни Никола, а богами ни другите паљачовци околу нив. Можно ли е да се случи тоа убаво нешто на народот?

Тајфата на Бранко која ја ограби Македонија со нивниот модел за приватизација не смее да се врати на сцена повторно. Нека им е арам азното кое го ограбија, ако ги стигне некогаш судската правда добро, ако не ќе ги стигне божјата правда сигурно. Нека им се арам позициите кои ги приграбија за себе и своите благодарение на нивното нечесно владеење. Тие се казнети така што ги заменија исти таквии како нив од тајфата на Никола и ги поставија таму каде што им е местото.

Тајфата на Никола мошне успешно приграби тоа што остави тајфата на Бранко. Им зема по нешто и од тоа што нечесно имаа земено. Ги исфрли од позициите каде беа залежани, од судските фотељи, удобните академски фотељи а на нивно место си инсталира свои фотељаши.

Потпомогнати од помалите пајташи, нивни коалциони партнери, продолжија крвнички да го разградуваат тоа што беше веќе изградено, не мислејќи при тоа дека си ја сечат гранката на која седат.

И на најнеумните во оваа држава им станува јасно дека овие не прават ништо добро за Македонија. Овие не мислат ништо добро ни за себе.

Што ако се нафатирале додека биле на власт? Што ако ги обезбедиле своите деца до крајот на нивниот живот? Што ако ги вдомиле своите братучеди во државните јасли? Што ако? Сите ние сме на ист брод во длабоките води далеку од брегот. Што ако ги откорнале штиците од палубата за да ги употребат како материјал за градба на своите кабини? Што ако извадиле важни делови од бродскиот мотор и ги употребиле како декор во своите кабини? Што ако на довчерашниот банкар му го соблекле оделото и си го облекле на себе? Што ако некого ставиле во притвор? Што ако некому ја ебале жената? Што ако?

Ништо. Сите заедно пловат со истиот брод. Ќе потонат заедно.

Наместо постојано да земаме од другиот само затоа што сме власт а при тоа не создавајќи ништо ново, да се обидеме да направиме нешто, да ги почитуваме другите, да бидеме штедливи, да не се уништуваме самите себеси.

Да се бориме да им овозможиме на нашите деца убав дом, среќен живот, високо образование. Да се бориме исто тоа да им го овозможиме и на децата на нашите пријатели и соседи, на нашите сограѓани. Да не го уништуваме тоа што е заедничко туку да го сочуваме, да го поправиме и сите да го користиме. Да не крадеме материјал од комшијата за да изградиме свој дом, туку чесно да си заработиме за свој дом. Да судиме правично. Да лечиме. Да образуваме. Да градиме.

Нема коментари:

Објави коментар



copyright (c) 2008
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0 Unported
Смеете да ги користите содржините и да правите дела произлезени од нив, под услов соодветно да го наведете изворот и да ги дистрибуирате под лиценца компатибилна со оваа.