понеделник, 21 март 2011

Внимавајте, Бранко доаѓа!

Месец дена после оставката на претседателот на ДИК, нашиот мил Александар Новакоски, ДИК сеуште нема претседател. Бранко го доби посакуваното време, дури и повеќе од планираното. Но исто така и пописот се одложува, велат за на есен, но во суштина се одложува на неодредено време, во зависност од развојот на политичката ситуација после изборите. А Груевски пред само еден месец тврдеше дека активностите околу Пописот се одвивале нормално. Мало морген.

Велија останува во притвор. Уште еднаш се потврдува дека притворот во Македонија е инструмент за казна. Злоупотреба на законот од позиција на власт. Демек ќе те ставам во притвор а после ќе пимплам со собирањето на докази и со процесуирањето на твојот случај во судот. Но времето сепак работи и за Велија. Самото одолговлекување на случајот, нивното држење во притвор без да започне судски процес веќе му оди во прилог. По се изгледа власта, читај ВМРО-ДПМНЕ, читај Груевски, многу се плаши од Велија.

Ако утре се распишат избори, во најдобар случај истите ќе се случат за 60 дена, односно точно на 21 мај. Верувате ли во тоа? Нема шанси. Веќе е сосема извесно дека Бранко го доби својот најавуван термин за изборите - јуни 2011 година. Но се поставува прашањето зошто да не и подоцна? Да речеме јули/август а зошто не и септември. До тогаш оваа власт ќе запаѓа се повеќе и повеќе во криза. Во политичка, морална и финансиска криза. А после, после е лесно, лесно ќе биде за СДСМ да го реши ДПМНЕ.

Сепак јас го подржувам ДПМНЕ и сакам да истрае во процесот „Пајажина“. На тие криминалци да им покаже дека не се семоќни и дека ќе си платат за своите направени гревови, без разлика дали на праведен или неправеден начин.

Но како да се подржи партијата ВМРО-ДПМНЕ на избори ако делегат на нивниот конгрес во Битола блика со национално-верска нетрпеливост кон Македонците-муслимани а партијата не се оградува од неговите изјави. Или пак еден нивен градоначалник, повторно во Битола, изјавува дека Европа спроведува холокауст кон Македонија! Или пак ако претседателот на државата во свои книги антисемитизмот погрешно го дефинира. Ако така ги гледаме работите тогаш навистина нешто не е во ред. Дефинитивно партијата е забегана во погрешен правец. Не се прави држава со омраза.

А како да се подржи партијата СДСМ на избори ако нејзин висок функционер изјавува дека ќе јаде живи луѓе, дека ќе отпушта луѓе од работа само затоа што не припаѓале во неговата партија односно ќе вработува луѓе само затоа што биле негови партиски војници. Уште повеќе тоа тие си го практикувале и до сега само на локално ниво. Но не само партиски војници туку и негови блиски во фамилијата, братучеди и братучетки ќе вработувал, се разбира овие би биле со поголем приоритет отколку обичните партиски војници! Ако така стојат работите тогаш навистина зошто да гласаме за нив. Дефинитивно и оваа партија е забегана во погрешен правец. Не се прави држава на овој начин.

Никола има уште адути во својот ракав. Еден од најсилните адути е чесното играње. Но дали ќе има сила и моќ да го употреби овој адут, со оглед на соработниците кои ги има околу себе и кои треба да влечат чесни потези. Чесно е да се казнат криминалците, вклучувајќи го и Велија. Чесно е да се завршат започнатните градби. Чесно е да се завршат започнатите проекти.

Не е чесно да се форсира законот за легализација на таканаречените дивоградби. Не е чесно да се вработуваат партиски војници во државната администрација. Не е чесно да се избира гувернер на Народна банка на Република Македонија на начин на кој тие го избраа.

За очекување е ако Црвенкоски успее да ги одложи изборите најрано за јуни дека потоа ќе биде максимално кооперативен за распишување на избори а најверојатно Груевски ќе се обидува да ги одложува, правдајќи се дека не сака да оди на предвремени избори затоа што Бранко не сакал брзи предвремени избори.

Како што рече еден друг актер на политичката сцена во Македонија гласачот е пред дилема дали змија да го апне или магаре да му го бапне?

А во Хаг пред Меѓународниот суд на правдата (МСП) почнува јавна расправа по тужбата на Македонија против Грција заради кршење на Времената спогодба потпишана 1995 година. Прва аргументите пред судиите ќе ги образложува македонската страна, а потоа своите контрааргументи ќе ги соопшти грчката страна. Исходот од овој настан силно ќе влијае на политичката сцена во Македонија.

Во меѓувреме економската ситуација тргна на лошо во секој поглед, а тоа најповеќе го погодува господинот гласач кој овој пат одлучува.

Нема коментари:

Објави коментар



copyright (c) 2008
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0 Unported
Смеете да ги користите содржините и да правите дела произлезени од нив, под услов соодветно да го наведете изворот и да ги дистрибуирате под лиценца компатибилна со оваа.