четврток, 6 ноември 2008 г.

МОН, има ли апашлук?

Во текот на 2007 година во Министерството за образование и наука биле здиплени 230 илјади евра на име на хонорари од страна на 92 вработени во главно раководни лица со амин на највисоката раководна структура на министерството.
Луѓе каде оди Македонија? Каде оди образованието? Сте се запрашале ли досега зошто секој сака да работи во министерствата за бедна плата? Е па еве го одговорот. Овие 92 лица го навлекуваат гневот на обичниот даночен обврзник врз чесните наставници по основните и средните училишта. Истите овие луѓе си продолжуваат со својата работа и во 2008 година. А зошто да се сомневаме дека така не работеле и претходните години? А бидејќи извештаите на Државниот завод за ревизија никој не ги есапи, изгледа дека така требало да се работи. Сепак да се надеваме дека премиерот со висок рејтинг ќе забележи некоја ситна неправилност во ваквата работа и актерите во овој случај ќе бидат барем укорени!


Незаконски биле одобрувани исплати на милионски суми за хонорари за вработени во Министерството како надоместоци за работи кои спаѓаат во описот и пописот на нивните работни задачи, според извештајот на Државниот завод за ревизија за 2007 година. По најразлични основи, минатата година на 92 од вкупно 236 вработени во МОН им се исплатени 14,2 милиони денари за зголемен обем на работа, или фантастични 230.000 евра.

Било исплаќано хонорари на скандалозен начин: 3 милиони денари на вработени во МОН кои подготвувале план-листа за распределба на вработените во канцеларии, организациско разместување и обезбедување непречена работа, потоа изготвување согласност за вработување, работна група за организирање и имплементирање вонредни активности во вонредни услови. Исплати за изработка на решенија за распоредување на вработените на работни места, за навремено и успешно извршени работни задачи и преглед на пријавите на волонтерите во Министерството.

Надоместоци во вкупен износ од 2,3 милиони денари им биле поделени на членови на комисија која работела на сместување во студентски домови, доделување стипендии и кредити, но и надвор од неа. Вработени од Одделението за финансии добиле 2 милиона денари за дополнителни активности на посебните сметки за проекти, потоа за изготвување збирна завршна сметка, за систематизирање податоци за пресметка на плати и за исплата на плати за осум наставници во странство. А, за истите овие работи, Министерството ангажирало лице по договор на дело на кое му биле исплатени 310 илјади денари.

За подготовка на закони, правилници и планови, исплатени се 1,6 милиони денари, иако во Министерството постои Сектор за нормативно правни работи, чија надлежност се токму наведените работи. 5 милиони денари биле одобрени за учество во комисија за оцена на исполнетоста на условите за почеток на работа на факултети и студиски програми, потоа учество во комисија за јавни набавки и други слични активности кои спаѓаат во редовни работни обврски на вработените од овие области.

Ревизорите утврдиле дека вкупниот годишен износ на надоместоци по вработен се движи од 800 до 1.26 милиони денари по лице. Најголем дел од износите за надоместоци, односно околу 70 отсто се исплатени на вкупно 25 вработени. Посебен бисер во извештајот што го наведуваат ревизорите е случајот со раководителот на Секторот за финансиско-сметководствени услуги, кој како вработен во Министерството од мај 2007 година, за осум месеци работа примил надоместок за зголемен обем на работа во висина од 108 просечни месечни плати, додека за истиот временски период примал, исто така, нето-плата во вкупен износ од 244 илјади денари. Вкупниот износ што го примил овој раководител како хонорар за 2007 година е 1,26 милиони денари, а по него на листата следува раководител на Секторот за поддршка на министерот, кој бил награден со сума од 961 илјада денари. На листа на вработени со најголеми хонорари се и помошник- раководителот на Секторот за нормативно-правни работи, раководителот за високо образование, раководителот за ученички и студентски стандард, кои исто така примале надоместоци и од посебните сметки со кои располага Министерството, а се работи за суми од 896 илјади денари до 1,7 милион денари.



  • Актуелното министерче признава дека како државно секретарче за учество во разни комисии и зголемен обем на работа добило 155 илјади денари, со напомена дека не било тоа што земало најголемо хонорарче.
  • Претходното министерче земало само 203 илјади денари, за него било нормално луѓето кои членуваат во комисии дополнително да се исплаќаат за тоа.

Листа на најзаслужни:

  • Аднан Селмани, речиси 30.000 евра, поранешен раководител на секторот за финансии, (ДПА)
  • Феузи Џафери, 961.000 денари, шеф на кабинетот на поранешниот министер - Сулејман Рушити, (ДПА)
  • Перо Стојановски, 203.000 денари, тогашен државен секретар, сега министер, (ДПМНЕ)
  • Сулејман Рушити, 155.000 денари, поранешен министер, (ДПА)

Нема коментари:

Објави коментар



copyright (c) 2008
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0 Unported
Смеете да ги користите содржините и да правите дела произлезени од нив, под услов соодветно да го наведете изворот и да ги дистрибуирате под лиценца компатибилна со оваа.