вторник, 11 ноември 2008 г.

Компјутер за секое дете

Проектот е дел од владината иницијатива за образование и обука за сите. Проектот се темели на Националната програма за развој на образованието (2005-2015). Проектот предвидува набавка на 17.818 персонални компјутери, 98.710 LCD монитори, 98.710 тастатури, глувчиња и 80.892 тин клиенти за основните и средните училишта. Овој хардвер ќе се користи како алатка за изведување на наставата и пристап до образовните дигитални содржини на глобалната мрежа Интернет. Реализацијата на проектот се одвива во три сегменти:
  1. Набавка и инсталација на опрема.
  2. Одржување, локално и интернет поврзување на опремата.
  3. Развивање на дигитализирани содржини и обука на наставници за изведување на наставата

Владата дели веќе по втор пат ваучери за купување на компјутери за студентите апсолвенти. Колку е тоа убаво? Колку е убаво некој да ве награди со еден ваучер за компјутер пред нова година? Колку е убаво некој вашето дете да го награди со еден ваучер? Со тоа ќе ви покаже дека ве цени и сака да ви помогне, да продолжите посигурно да чекорите кон вашата светла иднина. Колку ќе беше убаво доколку секој апсолвент имаше можност да си купи еден компјутер на крајот од своите студии како резултат на својот практикантски стаж во некоја просперитетна македонска компанија? Колку ќе беше убаво родителите да можеа да издвојат од своите приходи за еден компјутер за својот студент уште на почетокот од неговите студии? Но тие тоа не го можат. Тоа го може владата, затоа што претходно брцнала во џебовите на работникот преку разноразни оданочувања.

Колку ќе беше убаво на вашите деца во средно училиште да им купите еден компјутер, можеби и да им обезбедите интернет врска? Но не, тоа го можат малкумина, повеќето дел од своите скромни приходи присилно ќе издвојат во заедничката каса наречена буџет на државата од која умните глави во владата ќе си нацрпат толку колку што треба и повеќе од тоа за да им купат на вашите деца по еден компјутер, кој за жал ќе стои година до две во некој магацин пред да стигне на клупата на вашето дете, и веројатно ќе стои уште година две на самата клупа, додека умните владини глави не смислат некаков софтвер кој ќе може да се употреби во наставата. За тоа време најверојатно вашиот ученик ќе матурира и нема да има потреба од компјутерите кои ги обезбедила вашата влада. А најверојатно нема да имаат можност да ги користат компјутерите ни вашите помлади деца, бидејќи истите ќе застарат и ќе можат да се користат само како музејски експонати.

Среќни поради тоа што оваа влада мисли на вас и со вашите пари ќе купи компјутери кои долго време нема да бидат во употреба вие задоволни ќе си излезете на следните избори и ќе гласате за овие душегрижници.

Но дали би дозволиле кога би имале слобода самите да решавате што ќе правите со вашите заштедени пари (доколу владата не ви ги измолкнала по пат на високи давачки), да му купувате на вашето дете компјутер дури откако ќе стане апсолвент или тоа ќе го направите кога ќе стане судент? Дали на вашиот средношколец ќе му купите компјутер и две години ќе го чувате во визбата затоа што не сте обезбедиле продолжителен кабел на кој ќе можат да се приклучат сите уреди од вашиот компјутерски систем или претходно убаво ќе размислите за овие ситници?

2007 Септември
  • Набавени се 100.000 компјутери за средните и основните училишта. Компјутерите стојат во магацините затоа што во училиштата нема соодветна електрична инсталација.
  • Владата ја рекетира ЕСМ-ЕВН да донира 250.000 евра, колку што чини реконструкција на електричната инсталација во 93 средни училишта.
  • Подоцна ќе се испостави дека и клупите не се соодветни да ги поднесат новите компјутери, па е потребна набавка на нови.
  • Иво тврди дека не е проблем што компјутерите ќе застарат бидејќи гаранцијата им траела три години? Гаранцијата не ја покрива технолошката застареност!
  • МОН работи на креирање на дигитални содржини кои никој до сега не ги видел ниту наслутува како ќе изгледаат.
  • На помош за средување на електричната инсталација се вклучуваат и Македонски телекомуникации и Македонска радиодифузија. Ова повторно смрди на рекет и јалова работа, со оглед на тоа што се вклучени крајно неефикасни друштва.

2008 Јуни
  • Учебната 2007/2008 завршува, компјутерите не се ставени во функција. Се дознава дека не се набавени 100.000 компјутери ами само 100.000 монитори и околу 20.000 компјутери.
  • ЕВН одбива да помогне во средувањето на инсталацијата во основните училишта, бидејќи тоа било многу скапо за нив. Ако поставувањето на хардверската инсталација е толку комплицирано, тогаш што ќе правиме со инсталацијата на софверот? Најверојатно ќе се случи компјутерските монитори да им служат на учениците како огледала и паравани за препишување.

2008 Ноември
  • Пука тиквата помеѓу МИО, МРД и МОН, од една страна, и фирмите назначени за инсталирање на компјутерите, од друга страна. Спорна е наплатата на околу 300 милиони денари, приближно 5.000.000,00 евра (со зборови: пет милиони евра). После смената на досегашниот директор на МРД - Сашо Станчевски овде владее хаос. Се врши ревизија на целокупната документација поради сомневање дека се направени малверзации со потрошените средства за реализација на проектот.
  • А кога ли ќе почне вториот дел од третиот сегмент? Развивање на дигитализирани содржини и обука на наставници за изведување на наставата.
  • На компјутерите се учат само игри, Ваква неочекувана намена добија компјутерите што Владата ги обезбеди за модернизирање на наставниот процес и за информатичко образование на учениците во земјава. Наставниците велат - работиме на Linux, а обуката што ја имавме беше за Windows. Кога имаат писмена работа, учениците ќе ги наведнат главите и од компјутерите не се гледа што прават. Интернетот е слаб и ништо не може да се отвори. (Дневник, 2008.11.17)
  • Ќе се набават дополнителни 65.000 компјутери преку распишување на меѓународен тендер. СДСМ обвинува дека овој проект до сега тежи 35.000.000 евра а ефектите се нула. МОН тврди преку својот портпарол Маја Корубин дека во 93 средни училишта Мактел интсалирал интернет конекција. На почетокот од Декември ќе почнела и обуката на наставниците. (Утрински весник, 2008.11.18 - Владата набавува нови компјутери, а старите стојат негибнати)

2008 Декември
  • Акцијата продолжува, ќе се набаваат уште и 75 илјади мали лаптопи за дечињата од прво до трето одделение, кои округло ќе чинеле околу 10 милиони евра. По се изгледа МИО има концепт како да троши пари за скапи играчки а владата има слух за тоа. Најверојатно ефектот од сите овие проекти ќе биде негативен.(Утрински весник, 2008.12.12 - За мали лаптопи, големи 10 млн. евра )

За читање:

Нема коментари:

Објави коментар



copyright (c) 2008
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0 Unported
Смеете да ги користите содржините и да правите дела произлезени од нив, под услов соодветно да го наведете изворот и да ги дистрибуирате под лиценца компатибилна со оваа.