Пред да го создаде материјалниот свет (земјата, небото, ѕвездите, човекот), Господ го создал духовниот свет-ангелите. Тие се Господови гласници, ги пренесуваат божјите заповеди поради што на фреските се претставени со крила, тие се поим за младост и безгрижност поради што се претставени како деца бидејќи староста и брчките на лицето се последица на животните грижи и страдања, најчесто се насликани со бела облека што симболизира душевна чистота и невиност. Единствено Архангел Михаил е претставуван во војводска облека.
Во почетокот сите ангели биле добри. Подоцна некои од нив станале лоши, се одметнале од бога и почнале да прават злодела. Тие биле наречени ѓаволи. Еден меѓу нив по име Деница, заслепен од големата моќ што му ја дал Бог, собрал големо друштво и создал цело невидливо небесно духовно царство. Свети Архангел Михаил го победил, го симнал од небото, а подоцна продолжил да се бори за славата Божја поради што е претставен во војводска облека со меч и копје во рацете. Во негова чест црквата го востановила празникот Собор на Свети Архангел Михаил кој се празнува на 21-ви ноември. Со овој празник им се одава признание на сите ангели кои ги има безброј.
Според некои преданија месецот ноември е одбран за славење на Светите Архангели поради тоа што според поранешното сметање на времето (кога годината започнувала во март), ноември бил деветтиот месец во годината, а девет се чиновите ангелски. Ангелите претставуваат цела небеска војска раководена од Господ Саваот (господар или командант на војската). Ангелите се поделени во девет чинови, групирани по три степени со по три чина. Во првиот степен влегуваат шестокрилите серафими, многуоките херувими и престолите, во вториот спаѓаат господствата, силите и властите и во третиот начелниците, ангелите и архангелите.
Архангел Михаил е спомнат во Откровението (12:7). Во Стариот Завет е спомнат по име во персиски контекст на Книгата на Даниел. Претставен е како заповедник (војвода) на Господовата војска. Михаил е меѓу главните ангели во Аврамските преданија; неговото име било борбен извик на ангелите на небесата во борбата против Сатаната и неговите следбеници.
Во доцносредновековното Христијанство, Михаил, заедно со Свети Ѓорѓи станале светци - заштитници на витештвото, како и на првиот витешки ред на Франција, Редот на Свети Михаил во 1469. Во британскиот систем на почести, витешкиот ред основан во 1818 е именуван по овие двајца светци - Ред на Свети Михаил и Свети Ѓорѓи. Во многу христијански кругови Свети Михаил се смета за заштитник на борците. Полицајците и војниците, а особено падобранците го сметаат за нивен светец - заштитник.
Во Коранот Михаил е споменат само еднаш, Ел-Бекара:98. Во коментар на стих 91 од таа сура, Бајдави приспомнува една прилика кога Омар пошол во еврејско училиште и се распрашал за Гаврил. Учениците рекле дека тој е нивен непријател, но дека Михаил е добар ангел, кој носи мир и изобилие. Како одговор на Омаровото прашање за позициите на Гаврил и Михаил во однос на Бога, тие рекле дека Гаврил бил од десно, а Михаил од лево. На ова Омар се побунил и изјавил дека кој е непријател со Божјите ангели, нему Бог ќе му биде непријател. Кога се вратил кај Мухамед, Омар видел дека Гаврил го претркал и веќе му ја кажал пораката, која е спомната во стих 92. Во врска со сурата Худ:72, муслиманските коментатори велат дека Михаил бил еден од трите ангели кои го посетиле Аврам.
Кај муслиманите Михаил е еден од четирите ангели (покрај Изрил, Исрафил и Џибрил), и еден од двата ангела (покрај Гаврил), именувани во Коранот. Некои веруваат дека постојат десет ангели - Михаил, Изрил, Исрафил, Џибрил, Мункар, Макир, Ракиб, Атид, Малик и Ридван. Тој живее на седмото небо и се верува дека има крилја со смарагдно зелена боја. Во исламските преданија Михаил секогаш е втор по Гаврил. Кога Бог го создал Адам, тој го пратил прво Гаврил, па Михаил да ја донесе глината од која требало да биде направен човекот. На смртната постела, Мухамед рекол дека Гаврил ќе биде првиот, а Михаил вториот кој ќе се моли за него. За Михаил се верува дека носи благослови. Во Исламот се смета дека постои неизброен број на ангели, при што се верува дека именуваните ангели се поглавари на оддели; т.е. Михаил е главен ангел на благословите.
Во народното верување Архангел Михаил е претставен како со меч им ги зема душите на луѓето. Според преданието тој стоел на рајските порти и во едната рака држел сабја а во другата терезија. На едната страна од терезијата ги ставал добрите дела, а од другата гревовите и во зависност од тоа што ќе претежнело луѓето ги праќал во рајот или во пеколот.
Молитва |
Целиот си оган и ревност Свети Архангеле Михаиле, затоа ти се молиме: нашите заспани души запали ги со огнот на твојата ревност, та секогаш да Му служиме на нашиот заеднички Господ, сесрдно да те подржуваме тебе, безгрешниот и свет брат наш и врховен војсководач на сите небесни и земни војски Христови. Пречудниот Господ Исус Христос устроил една црква од ангели и луѓе, та и ние луѓето кои таинствено претставуваме херувими на земјата, да ги подржуваме нашите небесни браќа на чие чело стоиш ти, лачезарен и боженствен архистратиже Михаиле. Ти на небото го победи селошиот сатана и го фрли од небото на дното во пеколот - помагај ни и нам секогаш, ти се молиме, сесилен Архангеле, та и ние со сепобедната сила да го победуваме селукавиот сатана, кој нѐ напаѓа од сите страни, и нѐ искушува преку безбожни луѓе, преку нечисти мисли, преку земни наслади и преку опивните страсти. Сиот си свет, чист и безгрешен, божествен првоангеле Божји; ти се молиме - сесвети; ти се молиме - сечисти; ти се молиме - себезгрешни, учи нѐ дење и ноќе како да живееме свето, чисто и безгрижно; дарувај ни ги твоите херувимски сили за да живееме вистински херувимски на земјата и ние, кои според неизмерливото Божјо човекољубие, претставуваме херувими на земјата. Не оставај нѐ во отровната кал на нашите сластољубиви земни желби, туку издигни нѐ во небесните ангелски височини и оспособи нѐ да живееме ангелски свето и чисто, додека сме во тело на земјата. Милостиво погледни на нас, сепобедлив архангеле, снисходливо спушти се до нас, разбуди нѐ за борба со злото, со гревот, со ѓаволот, со смртта, за да можеме водени и охрабрувани од тебе, лесно да ги совладуваме: секој грев, секоја страст, секој ѓавол и секоја смрт. Знаеме, богоносен архангеле, дека имаш власт над нечистите духови, над смртта, над гревовите: исполни ги нашите души со твојата боженствена сила, за да можекме бестрашно да војуваме и херувимски да ги победуваме сите непријатели на нашето спасение, на нашата вера и на нашата душа. Сепобедлив војводо на небесните сили, ти си го исчистил н небото од сатаната и неговите црни ангели, исчисти ги и нашите души од секој грев, зашто гревовите наши ги отвараат вратите и прозорците на нашите души; преку нив во нас да не влезат нечистите демонски сили, да ги валкаат и умртвуваат нашите души кои треба да се ангелски чисти и ангелски бесмртни. Без твојата сепобедлива помош, небесни војсководачу, лесно стануваме плен на нечистите сили. Затоа од сѐ срце ти се молиме: прими нѐ во твојата сепобедлива војска, војувај за нас и пред нас, води нѐ и предводувај нѐ во секоја борба за нашата душа, за нашето спасение, за нашата вечност, обезбедувајќи ни победа над секој грев и над секој ѓавол. О, пресвети архангеле, ако ти не ни дојдеш на помош со твојата боженствена сила, ние сме очајни и немоќни пред демонските сили. Со тебе секогаш ќе победуваме во сите борби на нашата душа, а без тебе паѓаме од пораз во пораз, од грев во грев, од пекол во пекол. Затоа ти се молиме, биди секогаш со нас, не напуштај нѐ поради нашите гревови и поради нашата нечистотија, туку сакајќи нѐ со боженствена љубов направи да го замразиме гревот и сите гревовни сласти, та да ја исполниме нашата душа со слаткиот мирис на ангелските добродетели. Еве, ги предаваме нашите души на тебе, пресвети ангеле Божји, ти се молиме и просиме: води нѐ секогаш по патиштата што водат кон Царството Небесно, за да можеме заедно со тебе, вечно да Го славиме семилостивиот наш Спасител - Преслаткиот Господ Исус Христос, и Неговиот Човекољубив Отец, и Себлагиот Дух Утешител, Кому нека Му е слава и пофалба сега, секогаш и во сите векови. |
Амин! |
Нема коментари:
Објави коментар