сабота, 4 октомври 2008

Борба за еден, борба за живот


Борба за еден, борба за живот, победата е моја

Како и да го наречат лекарите: малигно заболување, карцином, ... тоа е тоа сакаат да кажат рак.

Најтешко е кога ќе ви кажат после сите завршени анализи “за жал анализите ги потврдија нашите сомневања вие боледувате од карцином ќе сториме се што е во наша можост да ви помогнеме”. И потоа следи празнина. Голема темна полна со ништо. Кога ќе ја снема празнината доаѓаат прашањата; зошто баш јас, каде згрешив, и најболното од сите уште колку време ми остана, и што сега од каде да почнам, од почетокот на крајот или можеби не е крај. Ова беше оптимизмот кој некој мисли дека се дава а всушност секој го има ама заборава каде го ставил во кој дел од мозокот.

И борбата почнува. Тешка е. На моменти е толку тешка што ти доаѓа да се откажеш и предадеш но мораш да продолжиш по тешкиот пат по кој ќе те води желбата за живот. Сите велат дека најважна во оваа борба е поддршката од најблиските, од луѓето што ги сакаш но не е, најважно е сам себеси да си дадеш желба за живот причина за која ќе живееш, а ако побараш такви ќе најдеш многу. За некого и за нешто вреди да се живее а јас знам за кого и зошто. Ова е мојата борба за еден во која ЈАС морам да победам а сојузници ми требаат.

1 дел

Дијагнозата ја знаев уште кога ја напипав грутката на левата града но не кажав никому бар некое време, но ме мачеше тоа па се јавив кај матичниот гинеколог кој при првиот преглед рече дека не му се допаѓа тоа што го виде, ме упати на мамографија и ехо каде што се потврди дека има нешто но дека без биопсија не може да се даде дијагноза па ме упатија кај патолог. За ова знаеја само моите дома, несакав да кажам на никој друг, напуштив и од работа без збор да кажам како и зошто си одам, можеби сакав да сокријам што ми се случува или сакав само да си одам од таму. До биопсијата кај мене постоеш надеж дека нема да биде ништо страшно но после неа дојде кошмарот. На останатите пациентки само ги даваа резултатите и им закажуваа контрола а мене ме одведоа на страна да ми кажат дека се пронајдени малигни клетки и дека морам да одам на операција да ја одстранам градата и да се лекувам со останатите третмани. Тие зборуваа а јас веќе не ги слушав во умот ми се вртеше мислата зошто баш јас, Боже премлада сум имам само 38 години, имам мало дете, животот е пред мене, а имам и убави гради и ...

Тогаш дојде празнината во паметта која не сакаше да го прифати тоа.

Ми требаа неколку дена да се совземам и да сфатам што ми се случува, закажав на торакална хирургија за операција која беше за 10 дена а во кои ги броев и часовите. Утеха побарав во храната, неколку пати во алкохолот, па дури кажав и на неколку луѓе за кои мислам дека ми се пријатели и кои беа со мене и сеуште се тука да ми дадат поддршка на некој начин. А тие што мислев дека ме сакаат и дека морална обврска им е да бидат покрај мене ги немаше иако знаеја што ми се случува. А мене, мене ми требаше само среќа, божја помош, добар доктор, а ми требаше и љубов, но и пари, малку имав од сето тоа но морав напред. И тргнав храбро со крената глава, и со сите мои сили на операција која не траеше повеке од 2 часа. Кога се разбудив ги видов докторите и сестрите кои рекоа дека се е во ред и тргнаа да ме носат во собата. Во холот стоеше мајка ми и уште една личност која не очекував да ја видам а многу ја сакав. Се израдував толку многу што заборавив на операцијата и на болеста. Како да ми даде инфузија со оптимизам. И тогаш видов дека не ми ја одстраниле цела града, само мал дел, што исто ме израдува. Брзо почнав да се опоравувам, вториот ден станав од кревет почнав да шетам по малку и видов дека има полоши случаи од мене. Се спријателив со болните што ми помагаа па времето помина побргу. Стравот сега стануваше поголем што ќе покажат резултатите. Ама резултатите ке бидат готови за две три недели а до тогаш неизвесноста убива. Иако знаев што ме чека, потајно се надевав на тоа дека се ќе биде во ред и дека не мора да поминам низ сите фази на лекувањето. Ама не беше така. Резултатот покажа карцином од 2а и морам на понатамошно лекување. Бев спремна на се иако знаев дека е тоа патот низ пеколот на еден човек, знаев што ме чека кога ќе влезам во вратата на која пишува радиологија и онкологија. Ја мразев таа врата, но влегов, можеби навистина е тука патот кон спасот. Никогаш не се знае од каде ке дојде.

Дојде денот за резултати, беа потврдени резултатите, за среќа без метастази, што ми влеваше надеж дека се ке биде во ред.

2 дел

Сега морав на радиологија. Чекорите ми одеа еден напред назад два, се плашев. И имав право на тоа. Можеби не требаше да прочитам и да прашувам толку многу па немаше да се плашам. А јас точно знаев се што следи. Прво хемотерапија, па радиотерапија, а во меѓувреме пекол. Првата терапија помина добро сестрата што ми ја даваше рече дека е исто како да сум се напила многу алкохол па ќе ми биде лошо неколку дена. Не беше далеку од вистината само што таа беше малку полоша. По една недела се вратив и на работа бидејќи работата ми беше седечка можев да работам. Но не беше се исто, луѓето ме гледаа со поинакви очи, незнам сеуште дали со сожалување или само љубопитно, но не беше важно, работата ме исполнуваше, а бев со луѓето што ги сакам. Најтешкиот момент дојде кога 17-етиот ден косата почна да ми паѓа, утредента се повеќе и повеќе, а 20-тиот ден морав да ја избричам главата. Имав прекрасна густа коса речиси до половината, се потсетив на еден филм каде Деми Мур се истрижа на 0, па почнав и јас сама со машинката. Сечев и плачев, еве и сега додека го пишувам ова плачам но и си ја местам мојата убава кратка коса. Утрдента беше втората терапија, отидив со перика, ја мразев многу иако не ми стоеше лошо но морав да ја носам, инаку не можев. Се редеа терапиите една по една која од која се полоша. Почна да ми ослабува целот организам, ама земав многу витамини, почна да ми крвари непцето, ми паднаа и неколку нокти, незнам дали од терапијата или од друго нешто друго. Почна да ми се намалува видот, слухот, мирисот, се беше некако поинаку. Но петтата и шестата беа ужас, не можев ниту да одам ниту да зборувам ниту да јадам неколку дена, но знаев дека имам сила за пак да станам, да се издигнам како Феникс, од сопствената пепел, морав, имаше некој кому му бев потребна. Јас сум и мајка и ќерка. Друите не се важни, мислев дека се важни, ама не се. Некои луѓе имаат чувства само за себе, некои немаат воопшто, а некои само лажен алтруизам. Се на се, никој не ги сака болните луѓе. Имав многу пријатели и роднини кои ги снема под изговор да не ми пречат, останаа со мене само оние кои навистина ме сакаат, а тие се бројат на прстите од едната рака .

3 дел

Потоа, после месеци половина, почна зрачењето, се решив да патувам секој ден, не сакав да лежам во болница. Немаше да го издржам сето тоа психички, зошто почнав да се чувствувам слаба. Психички ја немав веќе силата и поддршката од некои луѓе па почнав да се плашам. Долго време се 25 дена, да се патува секој ден, но се издржува ако се сака. Се си течеше во најдобар ред додека не почнаа изгорениците да се појавувуваат, беа грозни, но не болеа. Се појавија 22-риот ден, но морав да продолжам. И најпосле заврши се. Решив да се одморам малку пред да се вратам во нормален живот, но не беше по мое. Хемотерапијата и зрачењето си го направија своето, колку ти помагаат повеќе ти штетет. Почнав да се чувстувам уморно, мислев дека ќе помине ако се одмарам повеќе, но не беше така, ми беше полошо па морав на лекар пак. Нова болест, нова дијагноза, сега срцето ослабело од терапиите.

Има ли крај ова мачење, немам веќе сила, почнав да попуштам, почна да ме фаќа депресија. И што е најлошо, почнав да ги мразам сите. Јас морам да лежам во кревет а толку многу сакам да живеам, да шетем, да се забавувам, да се опијам, некогаш да заборавам на се што било во оваа проклето тешка година, ама не е по мое. Но велат надежта последна умира. Подготвена сум на се, па одам напред. И јас еден ден да живеам нормално како сите други кои сега само ги гледам како одат на работа, како излегуваат. Се надевам дека ке победам.


Животна приказна на Phenix - мојата Skype пријателка
публикувано со нејзина дозвола

1 коментар:

  1. навистина трогателна приказна со која се соочуваат многу жени, браво за храброста на Phenix, браво за сопственикот на блогот.

    ОдговориИзбриши



copyright (c) 2008
Creative Commons Attribution ShareAlike 3.0 Unported
Смеете да ги користите содржините и да правите дела произлезени од нив, под услов соодветно да го наведете изворот и да ги дистрибуирате под лиценца компатибилна со оваа.